Измина точно една година откако господинот Петар Јанков стапи на функцијата градоначалник на Општина Струмица. Неговото доаѓање на чело на општината се случи по 20 години управување на општината од градоначалници на сега веќе опозициската СДСМ. Во тој период како и да се предосеќаше моментот дека народот е спремен за промена и му беше доста од политичките и бизнис игри на претходната власт, а и промените се добри за нормалниот развој на едно демократско општество. Во јавните настапи кои ги имаа кандидатите пред изборите, господинот Петар Јанков беше со доста јасни ставови и сосема добро ги артикулираше истите. Можеби во одредени дебати во предизборните активности, се добиваше впечаток дека господинот Ристо Цасконој најдобро беше запознаен со приликите и доста добро теоретски ги познава работите, но сепак народот го имаше последниот збор и господинот Петар Јанков беше избран за градоначалник.
По превземање на функцијата, градоначалникот започна со градење на својот најблизок тим. Доста млади и енергични ликови беа претставени како најблиски соработници на градоначалникот. Дел од тие ликови и денес, по една година, работат посветено и се за пофалба, но други многу брзо покажаа дека се опуртунисти и си ги чекале своите 5 минути, покажувајќи отворен непотизам, вработувајќи си блиски членови од фамилијата на товар на буџетот. Трети пак се целосно промашување, некултурни во дискусијата и дијалогот со новинарите, воопшто не се на нивото на кое треба да бидат претставувајќи ја најреномираната градска институција. Но сепак, најголем проблем се оние што се вдомени по други институции, меѓутоа со авторски договори земаат пари и од Општината по основа на давање интелектуални и советодавни услуги.
Потоа следуваше она што е крајно нелогично, но општо прифатено, партизирање на јавните претпријатија и образовните установи под контрола на градоначалникот. Некои од овие промени беа нужни бидејќи за претходни директори на одредени јавни претпријатија беа поднесени кривични пријави што во тој период даде надеж дека ќе се променат суштински работите во раководењето со јавните претпријатија. Други решенија, особено директори на училишта се потполно промашување, покажувајќи арогантност, дрскост во комуникацијата и раководството. И токму такви ликови го поткопуваат угледот на кабинетот на градоначалникот кој во суштина е човек кој е спонтан и непосреден во комуникацијата.
Следно беа кварталните извештаи на новоназначените директори на јавните претпријатија на една од првите седници на Советот на Општина Струмица. Прилично алармантни беа извештаите за задолжувањата на претпријатијата и како да стана јасно дека ќе има период на стагнација во кој самите претпријатија ќе се консолидираат и ќе изнаоѓаат решенија за проблемите во кои се наоѓаат. Во овој период се случуваа и големи промашувања, заради политички реваншизам и деградирање во работата, професионалци беа принудени да ги напуштат своите работни позиции. И повторно негативната селекција на партократијата замеша прсти во функционирањето на општинскиот систем.
Загадувањето причинето од нефункционален инспекциски систем и контроли, продолжи да биде еден од главните проблеми на новата администрација. Иако за мала промена имаше и доста акции во кои потпалувачите на токсични материјали беа казнувани според законот. Но, дали тоа беше само реакција на големите акции на еколошките активисти и граѓаните?
И за крај ќе ве потсетиме на едно прашање кое му го поставивме пред една година на тогаш кандидатот за градоначалник, Петар Јанков во интервју за „Моја Струмица“.
Што конкретно ќе направите? Кажете неколку точки, за кои што ќе ве држиме за збор.
Во овој дел би ги издвоил приоритетните 10 проекти кои се потенцирани како такви и во програмата: Изградба на ново Основно училиште во населбата Карпош после 45 години, решавање на проблемот со водата за пиење што погоре го споменав, реконструкција на патниот правец Струмица – с.Просениково до мостот на река Турија, Нова спортска сала во ОУ „Сандо Масев“, повеќенаменско игралиште во с. Банско, доизградба на булеварот „Климент Охридски“ од потегот кај Жито Струмица до ул. „Ѓорѓи Василев“ во соработка со ЈПДП, решавање на проблемот на поплавите на ул. „Младинска“ и дел од бул. „Ленинова“ преку проширување на капацитетот на канализационата мрежа.