Петар Јанков – кандидат за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ

Мојата сила е што сум искрен и решен да работам со луѓето, не над нив.

18 мин. читање

Зошто се кандидирате за градоначалник?

  • Најголема мотивација да се кандидирам ми беа моите сограѓани, жителите на Струмица. Јас сум стопанственик имам приватен бизнис и досега секојдневно се среќавав со различни групи граѓани, земјоделци, млади, бизнисмени, пензионери. И бидејќи по природа сум таков, сакам со сите да поразговарам, а обично луѓето си ги кажуваат маките, сфатив дека сите тие имаат нешто заедничко во потребите. А тоа е дека сакаат да живеат во подобар град гледано од секој аспект. И во таков склоп на околности мене ми падна честа да ја понесам таа одговорност, да ја вложам целата моја енергија, искуство и визија во служба на граѓаните – моите сограѓани. И сега кога периодов сум постојано на терен се тоа ми се потврди, дека Струмица има огромен потенцијал, но повеќе од било кога е потребно ново лидерство, свежина и конкретна работа.

Зошто баш вие? Која е вашата најсилна страна?

    • Затоа што сум човек од народот, затоа што ја познавам Струмица и нејзините луѓе и точно знам што им треба. Го знам секој проблем, бидејќи и јас живеам со тие предизвици секој ден. Мојата сила е што сум искрен и решен да работам со луѓето, не над нив. Верувам во партнерство со граѓаните, во отворена општина каде секој глас се слуша и секоја идеја има место. Не ветувам сè на сите, туку ветувам дека ќе работам одговорно, чекор по чекор, со план и со тим.

    Што е првото што сакате да го направете?

      • Увид во состојбите во општината — финансии, инфраструктура, комунални дејности, тековни проекти и потреби на месните заедници. Работата на локалните претпријатија и институции. Сакам да има јасна слика до каде сме, за да можеме да се движиме напред со план, не со импровизација.

      Што најмногу ве радува во градот, а што најмногу ве провоцира?

        • Струмица си има своја енергија, прекрасни луѓе, живописна природа, убави места и тоа е нешто што секогаш ме радува. Не би го искористил зборот „провоцира“ за нешто што ми пречи и повеќе од очигледно е дека треба да се смени. Како и секој разумен човек, ми пречи ѓубрето, несоодветните инфрастурктурни решенија, ми пречи загадувањето на воздухот во зима и слични работи.

        Како го минувате денот, каде може да ве сретнеме во градот?

          • Луѓето кои ме знаат подобро, знаат дека најчесто може да ме видат во мојата фирма. Јас сум таму и со работата која најдобро ја познавам, сугерирам, препорачувам и советувам клиенти. Сакам да се дружам со пријателите, да одам на пазар, да поминувам време со синовите, со сопругата да погледнам некој филм или серија. Се што сака еден обичен граѓанин на моја возраст.

          Дали ви сметаат дупките по тротоарите и недостигот на тротоари?

            • Нормално дека ми пречи се што не е направено како што треба или нешто што со години се провлекува како проблем. Во делот генерално на инфраструктурата, тротоарите и уредувањето долж тротоарите треба доста да се работи во периодот кој следи. За граѓаните требаат подобри и побрзи сообраќајни решенија, безбедност во сообраќајот на највисоко ниво како и подобрена мобилност.

            Што конкретно ќе направете за загадениот воздух?

              • Овој проблем го ставив доста високо на листата на приоритетни проекти во новата програма, затоа што и самиот приоблем е приоритетен и итен. Имавме долги дискусии со експерти од областа и на сите ни е јасно дека решавањето ќе биде долгорочно, но мора да се почне. Врз основа на она што досега е дискутирано ќе се направи конкретен план и стратегија на активности најнапред преку субвенционирање на домаќинствата со топлински пумпи и клима инвертори, но и поставување на повеќе мерни станици за следење на квалитетот на воздухот, се со цел повеќе информации за план за справување со загадувањето. Индиректни решенија секако се и засадувањето на поголем број дрвја, зголемување на зелените површини и раззеленување на станбените дворови.

              Што конкретно ќе направете за лошата вода и ќе поведете ли постапка за одговорните за квалитетот на водата? Како ќе го гарантирате квалитетот?

                • Во периодот додека трае кампањата многупати се отвори ова прашање и гледам дека работите во овој дел не се баш јасни. Многу е несериозно да се вели дека тоа што минатата година имаше анализи од официјални институции за висока загаденост на водата се резултат на некаква црна кампања. Секој кој има елементарно познавање на работите треба да знае дека тоа се реални работи кои се случуваат поради неправилно одржување на системот. Освен тоа, досегашниот цевковод кој ја снабдува фабриката за вода со сурова вода е од крајот на седумдесеттите години и е од азбестно цементни цевки. Планирано е изготвување на Елаборат -проект за нов цевковод од полиетиленски цевки со дијаметар од Ф 600 кои ќе го снабдува со вода градот како до сега од вештачкото езеро Турија во должина од 14 км. Со тоа постоечкиот азбестно цементен цевковод со кој се снабдува градот со вода нема да биде во употреба. За потребите на Струмичкиот водовод ќе се набават два нови озонатори и деструктор за прифаќање на неврзаниот озон, произведен од озонаторите кои се користат во процесот за преработка на водата. Модернизација на лабораторијата и нејзина акредитација кој ќе се изврши по одредени правила и норми, со тоа граѓаните ќе добијат на квалитет и сигурност во исправноста на водата. Во истата лабораторија се врши и испитувања на квалитетот на водата и од населените места.

                Кога веќе ме прашавте за водата ќе споменам уште неколку работи. Првата е дека ќе ги стопираме дивите приклучоци. Во периодот што доаѓа континуирано ќе работиме на намалување на загубите на вода и елиминирање на дивите приклучоци кои прават штета на ЈП Комуналец исто така и штета на граѓаните кои уредно си ги сервисираат сметките кон јавното претпријатие. Во Куклиш ќе ставиме во функција втора бушотина со пумпа за вода за потребите на водоводот, а подобрување на снабдувањето со вода за домаќинствата ќе има и во Габрово.

                Дали ги знаете вашите обврски како градоначалник и кажете кои се најважните според вас?

                  • Се разбира, во спротивно не би бил сега кандидат за таа функција. Ги знам сите надлежности согласно законот за локална самоуправа и статутот на Општина Струмица. Најважни не можам да издвојам затоа што надлежност и обврска се обврзувачки без разлика за кој дел конкретно зборуваме. Така што сите тие треба да бидат извршувани во рамки на националното законодавство и правните норми.

                  Што конкретно ќе направете? Кажете неколку точки, за коишто ќе ве држиме за збор.

                    • Во овој дел би ги издвоил приоритетните 10 проекти кои се потенцирани како такви и во програмата: Изградба на ново Основно училиште во населбата Карпош после 45 години, решавање на проблемот со водата за пиење што погоре го споменав, реконструкција на патниот правец Струмица – с.Просениково до мостот на река Турија, Нова спортска сала во ОУ „Сандо Масев“, повеќенаменско игралиште во с. Банско, доизградба на булеварот „Климент Охридски“ од потегот кај Жито Струмица до ул. „Ѓорѓи Василев“ во соработка со ЈПДП, решавање на проблемот на поплавите на ул. „Младинска“ и дел од бул. „Ленинова“ преку проширување на капацитетот на канализационата мрежа.

                    Што ќе направете за недостигот на паркинг места и парќирањето на тротоарите?

                      • Ќе ги подобрам и зголемам капацитетите на паркинг-простор на градот Струмица. Во соработка со Министерството за здравство ќе бараме отстапување на паркингот во склопот на ЈЗУ Општа болница Струмица како и изградба на монтажен паркинг на местото на модуларната болница. Рационализирање на трошоците и зголемување на приходите во начинот на работа и подобрување на паркинг услугите.

                      Дали ја осеќате потребата од зелена површина во градот или градењето на згради е во синхрон со вашата политика?

                        • Од зелени површини мислам дека никогаш доста. Во делот на градско зеленило ќе ги зголемиме капацитетите за граѓаните да добијат подобра услуга односно позелена и поубава општина. Проектот Зелена агенда ќе биде спроведен и реализиран од ЈП Комуналец со одделението за управување и одржување на јавно зеленило.

                        А во однос на градењето, тоа како процес треба да биде во согласност со законите и урбанистичките планови. Сѐ она што е досега изградено од страна на приватни инвеститори треба да се провери дали е согласно Деталните урбанистички планови кои се донесени во минатото и тука општината има ингеренции, но затоа пак во иднина може да го планира развојот на градот, каде и во кој обем ќе се шири. Од она што го гледам секојдневно има зголемена побарувачка на недвижнини во Струмица, зголемени се и цените на становите, па затоа е зголемен и интересот за градба и затоа е можеби добро да се иницира носење на нови ДУП-ови.

                        Ние веќе имаме предвидено довршување на нов урбанистички план за месноста Софилар со што ќедобиеме нова модерна урбана населба со соодветна патна и канализациона мрежа за потребите на граѓаните од тој дел на градот. Во Софилар како периферен дел од градот, ќе има поставено повеќе хидран- ти за потребите на ТППЕ. Во делот на изведба на улици во месноста Софилар има предвидено девет улици со средства одобрени од Владата на Р. Македонија од вториот повик од Министерството за локална самоуправа, во вредност од 147.515.578 денари.

                        Што ќе направите за подобрување на културата во градот? Кои културни манифестации ќе ги поддржете?

                          • Она што ја издигнува Струмица пред сите поголеми градови во регионот е културата и културните дејци кои се наша најголема гордост. Делот за културата и поддршката на настани во Општина Струмица има едно значително место во мојата програма. Се работи за иницијативи и соработки за над 10 културни случувања во градот. Ќе издвојам само дел од нив: Иницијатива за регионален џез-фестивал, со тенденција да прерасне во меѓународен, Иницијатива за организирање рок-фестивал со натпреварувачки карактер на групи и самостојни музичари кои се на почетокот од нивната кариера, Воспоставување на соработка со Меѓународниот фестивал за детски театри „Игор Маџиров“ организирано од Театар за деца и млади во Скопје, при што дел од претставите во програмата на фестивалот би гостувале и во Струмица. Соработка со Националниот џез-оркестар и Струшките вечери на поезијата во Скопје, дел од нивните програми, да се изведуваат и во Струмица. Нова форма на Струмичко културно лето и многу други.

                          Дали знаете кој е најтрофејниот струмички спортски клуб? Што ќе направете за поддршка на спортот?

                            • Според моите сознанија мислам дека тоа е Одбојкарскиот Клуб Струмица ама нашиот град во речиси сите дисциплини на спортот има успешни клубови. Многу трофеи, награди имаме од одбојката, фудбалот кошарката и во други индивидуални спортови. Јас веќе имав средби со поголемиот дел од струмичките клубови и заеднички одлучувме дека во перидоот кој следува ќе се вложи многу повеќе во поддршката на спортот и подобрување на спортската инфраструктура во градот и населените места.

                            Да не заборавам да ги спомнам тука и проектот за довршување на започнатиот затворен базен за кој сакаме прво да ги лоцираме постоечките проблеми и да направиме план и програма за нивно решавање. Значаен удел во спортот и во здравиот развој кај најмладите ќе има изградбата на нова спортска сала во ОУ Сандо Масев каде учат најмногу ученици и изградба на повеќенаменско игралиште во Банско. Реконстурирани и обновени ќе бидат запоставените маалски игралишта каде ќе се постави соодветна опрема иосветлување, со цел младите да имаат повеќе места за спорт и во вечерните часови.

                            Хигиената во градот е на незавидно ниво, што ќе направите за подобрување на хигиената?

                              • Хигиената во градот е огледало на нашата заедница, и затоа ќе ѝ посветиме посебно внимание. Планирам системски пристап, подобрување на организацијата и опремата на комуналните служби, редовно чистење и одржување на јавните површини, но и воведување на поефикасни механизми за контрола и одговорност. Истовремено, ќе спроведеме едукативни и волонтерски акции за подигање на свеста кај граѓаните, затоа што чиста Струмица не се одржува само со служби, туку со заедничка грижа и одговорност. Планираме набавка на преса за пресување на ПЕТ и алуминиумската амбалажа. Со тоа ЈП Комуналец ќе имаме намалување на количините на отпад кој се депонира, а притоа ќе имаме и одреден приход од селекцијата на отпад. Расчистување на дивите депонии околу населените места истотака е приоритет во овој дел.

                              Што ќе направете за најмладите, за децата, за нашата иднина?

                                • Децата се најголемото богатство и иднината на Струмица. Мој приоритет ќе биде создавање безбедна, поттикнувачка и креативна средина за нивниот развој. Тоа значи подобрени услови во градинките и училиштата, повеќе вложувања во спорт, култура и креативни програми, како и уредени детски игралишта во секое маало. Струмица треба да биде град каде секое дете ќе има еднаква шанса да расте среќно, здраво и со вера дека тука го чека иднина.

                                Дали планирате јавни трибини со вклученост на експерти и јавноста од областа на менталното здравје на населението, подигнување на еколошката свест и сл.

                                  • Секако. Ваквите теми бараат сериозен и стручeн пристап, затоа верувам дека најдобро решение е тие трибини да се организираат во соработка со здруженија, експерти и активни групи кои веќе работат на терен. Само преку заедничка работа институции, стручна јавност и граѓани можеме да постигнеме реални резултати во подобрување на менталното здравје, еколошката свест,квалитетот на животот во заедницата и многу други теми кои ги засегаат граѓаните.

                                  Дали имате идеи за овозможување на инфраструктура за приватниот сектор како би дошло до отварање на нови работни места?

                                    • Во однос на ова плановите согласно програмата се да се преземат неколку чекори со цел излегување во пресрет на бизнис секторот и подобрување на бизнис климата, со тоа и поттикнување на локалниот економски развој. Планирано е објавување на продажба на земјиште во постојните и обезбедување нови површини во индустриските зони. Подобрување на нивната инфраструктура и проширување на атмосферската канализација во тој дел на градот.

                                    Дали ќе сте достапни за сите граѓаните и по 19-ти октомври доколку бидете избрани?

                                      • Јас после 19 октомври ќе останам достапен за граѓаните без разлика каков ќе биде исходот од изборите. Јас пред се сум граѓанин на Струмица, стопанственик, ова е мој град и тука се моите најблиски, соседи, пријатели, колеги. Изборот на граѓаните ќе биде тој кој ќе одреди дали во понеделник ќе имаат нов градоначалник. Доколку јас ја преземам таа функција добивам уште поголема одговорност за да бидам достапен за граѓаните и така и ќе биде. Она што можам да го ветам е дека јас ќе бидам тука за сите граѓани подеднакво.

                                      Дали ќе испиете кафе со стариот градоначалник?

                                        • Доколку добијам покана, се разбира дека ќе ја прифатам.