Визуелно загадување во Струмица

7 мин. читање

Визуелното загадување е феномен на погрешно склопени објекти и слики во просторот. Дисхармонија на ликовните елементи.  Се работи за естетско изместување кое остава трајни последици во перцепцијата на човекот. Визуелната загаденост може да биде еднаква на труењето со храна. Во случајот, се трови човечката душа и ум. Убавината и складноста се нераскинлив дел од смислата за живот, затоа недостатокот од нив влијаат токсично и депресивно врз животите на луѓето. 

Да се осврнеме на неколку клучни визуелни загадувања кои прават грда слика на градот Струмица, град со долга традиција на урбан и културен дух.

Објектот на СОК или Стопанска банка лоцирана во строгиот центар на Струмица преставуваат симболи на модерната архитектура и урбанистичкиот развој на градот. Урбанистичкото решение за уредување на градското централно подрачје на Струмица е изработено од архитектот Радомир Лаловиќ. Денеска објектот е трајно нагрден и уништен со додаден дел на првиот спрат од зградата со кичуозна пластична фасада на Казино. Просто е запрепастувачки како ова унакажување на култната Стопанска банка поминало преку „Градскиот архитект“ и ги добило дозволите за негова инсталација како чир врз визурата на старата постоечка фасада. Ноќното светло на казиното дополнително додава ефект на невкус и шунд, нагрдувајќи го централниот градски простор кој веќе наликува на периферија од град.

Веќе повеќе од една деценија на новиот градски плоштад кој беше свечено отворен во 2009 година, стои монтажен и апсурден објект кој треба да претставува градска саат кула. Објектот е донација од бизнисмен и зад него не стои автор или архитект проектант. Тоа е просто насадена инсталација од рѓосувачко железо со пластичен часовник кој не се вклопува во ниту еден контекст на околината. Саат кулата како таква е одамна вон употреба (часовникот на функционира) и стои во просторот како грешка, како привремен објект кој ја изгубил својата смисла и функција, освен да го нагрдува централниот градски плоштад.

Во паркот на „Децата бегалци“ каде што е поставена бронзена скулптура – споменик посветен на Бегалците од Егејска Македонија, неодамна изникна монтажен објект – трафика за брза храна (со огромни чадори и маси на отворено), кој е поставен точно на влезот во паркот планиран да ги доведе посетителите пред споменикот. Оваа инсталација која поминала низ надлежните институции е еден од најапсурдните и засрамувачки потези на поранешната локална власт. Буквално исмевање со значењето на споменикот и паркот, но и тотална дисхармонија на јавниот простор и дискурс.Веројатно е дека во светот не постои такво грубо нарушување на споменично урбанистичка поставка и ова е класичен пример за визуелен дилетантизам дозволен од градските урбанисти.

Во Старата струмичка чаршија која е заштитена како естетска целина со години се случува деградација на ликот на фасадите и деконструкција на редот на објектите кои истекуваат во прецизна низа движејќи се по утврдената линија на улицата. Во прв пример ќе ги споменеме огромните несоодветни светлечки рекламни паноа кои покриваат речиси поголем дел од куќите. Покрај билбордите и рекламите, видливи се и архитектонски додатоци кои не соодејствуваат со стариот стил на градбите. Нови елементи, алуминиумски врати и прозорци, монтажни лимени оџаци и слично.

Најзначајниот споменик во градот е монументалната скулптура на Гоце Делчев на градскиот плоштад, чиј идеен автор и креатор е иконата на македонската вајарска уметност, Бранко Конески.  Изградбата на споменикот била по повод стогодишнината од раѓањето на револуционерот. Реализацијата на споменикот започнала во 1973 година, а завршила на 11 октомври 1976 година. Со реконструкцијата на плоштадот во 2009 г. се случи деградација на споменичната целина на споменикот проектирана од архитектката Мирјана Волинец. Имено, без никаква стручна расправа а по желба и хирови на локални ликови блиски до тогашниот градоначалник, се руши целосно концептот на проектот. Релјефните скулптури на борците, фигури во натприродна големина излиени во бронза, кои се еден вид чувари на централната фигура на Гоце Делчев, се отстранети од травертинските платоа и на новиот постамент од сив гранит се налепени како апликации под споменикот, губејќи ја целосно смислата и суштината на идејата. Ако споредиме со старите фотографии од оригиналниот споменик, денеска ќе видиме дека фигурите на борците се минимизирани и маргинализирани до невидливост. Ликовниот контраст замислен од авторите, спојот на златникавиот топол травертин со темната студена бронза е неповратно изгубен. За апсурдот да е уште поголем, клупите, металните црепови дури и корпи за отпадоци, по желба на комуналните работници се залепени до самата релјефна композиција, нагрдувајќи ја и понижувајќи ја естетиката на овој генијален монументален споменик.

За крај, најрепрезентативната зграда во градот, Градското собрание (објект заштитен со закон) чија прекрасна фасада е унакажана со клима уреди кои се наредени врз орнаментиката на објектот. Уште еден дилетантски пропуст преку кој се нагрдува симболот на Струмица. Клима апаратите не само визуелно, туку со години физички го деградираат објектот и како рак рани, постепено го уништуваат, создавајќи влага која е погубна за деталите на прозорските украси и орнаменталните детали излиени во цемент. 

Негрижата за главните градски симболи е знак на отсуство на свесност за урбаните вредности, анархија во заштитата и промоцијата на историскиот континуитет на градот. Да се надеваме дека новата градска администрација соодветно ќе реагира и ќе ги стави во преден план естетските вредности кои го градат визуелниот лик на градот. 

За состојбата на старата струмичка градска архитектура и нејзините бисери, куќата на Хаџитосеви, куќата на глувонемите, куќата на стариот пионерски дом… кои пред очи ни пропаѓаат и исчезнуваат неповратно… во друга прилика.

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе