Васил Михаил, 25 години на театарската сцена. На некој начин, со своите улоги се вгради во Народен театар „Антон Панов“ – Струмица како нераскинлив дел од ткивото кое произведе бројни театарски проекти, републички награди, но и како режисер кој потпиша неколку значајни претстави со интернационално прикажување.
Што значи за тебе Струмичкиот театар како твоја матична куќа и кон каде патува масивниот брод со зелено-бакарен кров, поставен на градскиот плоштад?
- Процесот на вградување во театарот всушност започна обратно, прво театарот го вградив во себе, а потоа јас во него. Тоа трае. Почетокот на деведесетите беше и почеток на моите средношколски денови кога се зачленив во драмската секција при училиштето која ја водеше маркантниот актер Кирил Здравевски. Маѓепсан од неговата силна љубов кон театарот и знаење да го артикулира тоа пред тинејџерите, веднаш решив дека тоа ќе биде мојата идна професија. Така, моето присуство во театарот стана постојано. Преку драмската секција стекнував некакво практично искуство, а со следење на претставите се хранев со обсервациско знаење и чувствителност. Присуствував и на проби, обично тајно, бев срамежлив… Среќна околност е што токму тогаш некаде започна со одржување фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, па имав можност да гледам многу претстави од различни театри и режисери. Потоа, додека студирав, продолжив да следам сѐ што се случува во Струмичкиот театар. Во тоа време веќе од друга дистанца. На студиите во Бугарија имав можност да гледам огромен број претстави, од кои многу од нив во сосема различна естетика од онаа која беше позната на нашите сцени во Македонија. По дипломирањето, иако имаше можности да останам во Бугарија, одлучив да се вратам во Струмица и да пробам да се вработам во театарот. Ме водеше чувството дека сум му потребен на театарот. Ако не јас, кој? Струмица е мало место, а младите често остануваат некаде после факултетот. Искрено, за мојот личен интерес, не ни мислев. А и зошто би, само што наполнив 22 години, кипев од идеализам. Процесот на вработување се оддолжи околу седум години, но тоа не пречеше да играм во скоро секоја претстава на репертоарот, со што започна моето вградување во театарот. Да, догодина ќе бидат 25 години откако професионално играм во Струмичкиот театар. Некои случки се како да беа од вчера, други како пред векови.Театарот како уметност недофатлива за времето и историјата останува во спомените, монографиите, фотографиите и видеата. Среќен сум што првите награди од странство на полиците на Струмичкиот театар беа од претстави во моја режија. Прва беше наградата за најдобро музичко оформување на Ване Костадинов за перформансот „Срж“ од Војводина, Србија. Тој проект беше во копродукција со театарот „Антон Панов“ во формат на уличен перформанс. Од Бугарија за претставата „Таа“ за најдобра актерка на Оливера Аризанова Мансбарт и специјалната награда за претставата „Каминот“ за актерска игра и сценографско решение од Шпанија. Тие награди-индикатори покажаа дека квалитетна уметност може да произлегува и од помали средини и дека уметникот треба секогаш да има самодоверба, дека може да биде светски уметник, па дури и да не стане познат и славен, тоа е ирелевантно за длабочината и убавината на уметноста која ја создава. Секако, тоа бара посветеност и многу труд. Потоа следуваа и други награди од странство за театарот што ме радува уште повеќе. Театарот не е само платформа за реализација на уметнички амбиции, туку и одговорност кон градењето на уметничкиот идентитет на локалната и национална средина. Оформување и полнење со содржина на денешницата со што се гради подлогата за иднината. За мене театарот „Антон Панов“ е матична куќа, како што рековте во прашањето. Дом за кој треба да се грижам. Се надевам дека тој масивен брод патува кон цел во која има многу радости и насмевки.
Дали „Народен театар – Струмица“ треба конечно да се оддели од Центарот за култура и кои би биле придобивките од таквата независност? Во минатото, театарот бил одделна институција со свои, самостојни ингеренции. Возможно ли е со пуштањето во употреба на новиот објект и „старо-новиот“ театар, да дојде и новата независна куќа институција како што беше во случајот со Народниот театар во Велес?
- За жал, институцијата Народен театар „Антон Панов“, наместо да се надогради со кадри и опрема, во далечната 2004 година се фузираше со Дом на култура и Уметничка галерија, во Центар за култура, од кој театарот е сега само Драмски сектор. Тажен политички потег, дискриминирачки и спротивен на политиката на развој на културата. Манипулацијата Струмичкиот театар да се смести во новиот Дом на култура е од осумдесетите години. Старата зграда на театарот е затворена поради безбедносни причини 1980 година. Театарот некое време функционира во Дом на ЈНА, а ветено му е дека ако ги даде парите што ги добил за реновирање на старата зграда, за придонес кон новиот Дом на култура, ќе го сместат таму и ќе му биде многу подобро отколку во старата зграда. Можеби намерите биле позитивни, но подоцна ќе се испостави дека тоа не било вистинското решение. Масивниот објект на новиот Дом на култура, ставен во функција во 1986 година, всушност не е довршен по сите стандарди. До денес недостигаат технички помагала, како што е хидрауличен лифт за качување на декор на сцената, примитивен систем на чиги, а според некои кажувања недостига и цел кат од објектот. Еден од главните мајстори градители кои работеле на објектот ми раскажуваше како од овој објект се направени околу 10 викенд куќи во Дојран на тогашните градски големци. Така, Струмичкиот театар станува на некој начин потстанар во зградата со која тогаш управува Дом на култура „Благој Јанков Мучето“. Објектот е масивен и се потребни огромни средства за да се загрее во грејната сезона. Но, тој објект не е единствен во државатата, има театри каде парното си работи со полна пареа. Зошто некаде има, а некаде нема, никогаш не открив, но се досетуваме сите веројатно. Исто така можеме да претпоставиме и зошто повеќе театри во државата беа сведени на драмски сектор, за потоа да се отворат нови театри на кои им се даде четирикратно повеќе кадар, ресурси и самостоен статус.
Самостојноста на театарот како институција е од витално значење за креирање на неговата стратегија и воспоставување на репертоар воопшто. Институцијата Дом на култура се занимава со секции, манифестации и овозможување на простор за културно изразување или консумирање на култура на широката популација. Тоа е многу различно од професионалниот производствен процес, а потоа и пласирање на уметничкиот пазар на театарската уметност. Но, пред да зборуваме за самостојноста на театарот, прво треба да разбереме што е професионален театар. Светскиот стандард вели дека за еден професионален театар да функционира по стандарди треба да има најмалку 65 вработени лица. Кај нас, барем половината од театрите, немаат вработено повеќе од 30 лица. Зошто државата ги занемарува театрите стари по 80 години, а инвестираше во нови театри од кои повеќето се далеку од нивото на оправдување на инвестицијата, треба да одговорат надлежните. За мене тоа е дискриминација, како на театрите така и на граѓаните кои гравитираат околку тие театри. Зошто само на Велешкиот театар му беше вратена институцијата, не знам, но сигурно причина за тоа не е зградата, затоа што има и други театри кои имаат своја зграда. Самостојниот статус на сите театри треба да им се врати веднаш, заедно со кадровско и техничко екипирање и делегиран буџет. И покрај сѐ, верувам дека старо-новата зграда на театарот ќе донесе позитивни промени, иако лично мислам дека инвестицијата не е планирана добро од повеќе причини. Локацијата на стариот театар била соодветна за некои веќе дамнешни времиња, но не и за денешните прилики. Забутана во мала едносмерна уличка, без соодветен пристап и за публиката и за внесување/изнесување на декорот, димензиите на зградата се премали за денешните потреби на театарот и т.н. Останува времето да покаже.

Дали новата зграда ќе ги подигне уметничкиот и програмски квалитет на ансамблот или тоа е само симбол, метафора… дали недостатоците и несовршеноста во функционирањето би се промениле заради физички објект или е тоа состојба на духот и енергијата на ансамблот кој независно од просторот и условите би зрачел врвни драмски остварувања? Колку физичките услови се предуслов за квалитетна уметничка програма?
- Зградата без луѓе е мртов објект. Соодветните техничко-технолошки можности влијаат драстично при продуцирањето на театар. Кога ги немаш, секогаш си ограничен да правиш нешто што е возможно само во тие услови, имагинацијата е кастрирана. Тоа важи и за публиката. Таа сака да седи во удобни столчиња, на топло или разладено според сезоната, каде ќе гледа нешто кое во техничка смисла парира на современието. Секако, условите нема да го направат театарот квалитетен, тоа го прават уметниците, а публиката треба да го препознае и оцени. Да, некогаш ќе има и врвни остварувања со едноставни средства, но тоа не значи дека не треба да има и богати продукции во најразлични естетики. Да не заборавиме и дека народните театри не се обични театри каде приватниот сопственик ќе одлучува што да се продуцира, а тој секако ќе избере профит над квалитет. Народните театри се чувари на живиот јазик и дијалекти, негуватели на националното театарско наследство, иницијатори и провокатори на темите и проблемите кои се актуелни и општеството се бори да ги надмине, будители на заспаниот човечки дух и т.н. Струмичкиот ансамбл покажува континуирано дека е на нивото на задачата во духовна и стручна смисла, сега останува да се надогради и материјалната основа.
„Деца на светот“ на Стефан Цанев е актуелна претстава која оди на репертоарот на НУЦК Антон Панов – Струмица. Како режисер на овој театарски проект, кажете, извлечете неколку клучни моменти кои би ја привлекле публиката да ја види претставата. Како тој текст толку јасно комуницира со нашето време, а е напишан пред дваесетина години? Дали со гостувањето во Бугарија на фестивалот посветен на делото на авторот Цанев, добивте повратен импакт за вредоста на овој театарски зафат?
- Зошто претставата е актуелна и денес, веројатно е поради истата причина која ги прави актуелни денес и големите класици, од античката драма до нашите битови драми. Заслугите се на Стефан Цанев, кој е исклучителен драмски писател, за жал не многу познат кај нас. Тој многу вешто ги користи иронијата, апсурдот, парадоксалноста, сатирата, драмата и трагизмот и оваа пиеса жанровски ја определува како тажна комедија. Претставата зборува за нашата, балканска голгота. Со извонредна духовитост и остар хумор, но и задлабочување и драмски набој. Не верувам дека постои наш човек кој нема да пронајде дел од себе или своите блиски во оваа претстава. На една од изведбите, двајца другари, гледачи на средна возраст, реагираа сосема по различен начин на истото случување на сцената. Едниот се расплака, а другиот се смееше. Потоа се обвинуваа: како можеш да се смееш на ова? А ти како можеш да плачеш на ова? Ваквите реакции покажуваат дека трагикомичното сме го постигнале. Претставата не е скандалозна и сензационална, но боли до смеење. Сигурен сум дека никој пред тие вистини не може да остане рамнодушен.
Во Бугарија изведбата помина одлично. Реакциите на публиката беа очигледни, посебно поради тоа што забележав дека повеќето гледачи беа во солзи на крајот од изведбата. И на самиот Стефан Цанев, кој има 89 години, му течеа солзи по образите. Потоа од неговите блиски пријатели слушнавме дека нашата претстава, од сите четири прикажани по негови текстови, му се допаднала најмногу. Но, потивко, да не слушнат колегите од Бугарија дека ете Македонците го направиле нивниот познат автор подобро и од нив самите.

Васил, се појавувате во неколку долгометражни филмови. Какви се приликите во филмскиот свет, што се случува со домашниот филм во Македонија и дали како актер мислите дека е тешко да се дојде до филмска улога кај нас? Кој е начинот да се наметнете на филмската сцена, дали театарските куќи во земјата имаат платформи преку кои ги презентираат, им помагаат и на некој начин ги нудат своите актери пред агентите и аудициите за филм. Што би можело да се промени во тие релации, театар/филм, кога знаеме дека во светот постои огромна соработка на тој план.
- Филмски свет во вистинската смисла на зборот кај нас нема, што е и разбирливо ако судиме по обемот на државата. Кај нас професионалците кои живеат исклучиво од правење филмови се многу малку. Приликите може драстично да се подобрат, не само преку доделување повеќе финансиски средства, туку и преку системско форматирање на начинот на доделување на тие средства, отчетот, а најмногу пласманот на филмовите. Стотици филмови платени со парите на граѓаните ние нема каде да ги видиме. Агенцијата за филм треба да си направи платформа каде ќе бидат достапни филмовите, бесплатно или не. Впечатокот дека некои автори се „претплатени“ во фондот за филм и редовно добиваат средства не е лажен и е нефер кон сите други автори кои заслужуваат шанса, а никогаш не ја добиле. Приликите не се розови и треба многу реформи. Има и успешни приказни и тоа е за поздравување.
Не е лесно да се дојде до улога на филм. Често се доделуваат на пријателска, па и партиска основа или на принципот веќе видено, слично на Холивуд. Самите режисери не се трудат да најдат нови лица, не ми е јасно како не им е здосадено од истите актери. Театрите не прават ништо во врска со тоа, но немаат ни обврска да прават. Актерите кои работат во Скопје имаат можност да бидат видени на сцена од некој режисер, но нема организирана форма на презентација на актерите. Кастинг директорите имаат база на фотографии, но тоа не е доволно да биде откриен некој актер. Ние немаме здружение на драмски уметници, за срам сме во тој поглед. Има здружение на филмски работници, но и тоа си функционира во некој затворен круг. Би можело многу да се промени. За почеток да се направи еден портал каде секој актер/ка ќе може да биде присутен со биографија, видеа и сл. Од тој базен многу полесно ќе бираат филмските автори.

Кога би биле уметнички менаџер, раководител во културата, кои работи би ги промениле радикално во функционирањето на Центарот за култура? Знаеме дека осумдесет проценти од културната понуда во градот ја покрива токму ,,Центарот” затоа што, по некој автоматизам, кај нас се чека и очекува од државните институции (Центар за култура, Завод и музеј ) да бидат главните двигатели на уметничкиот живот. Колку тие две клучни институции ја извршуваат правилно својата дејност? Дали ги исполнуваат очекувањата на граѓаните?
- На последните две потпрашања не би можел да одговорам од причина што немам право да зборувам од името на сите граѓани, а и не сум правел стручна анализа за тоа дали тие институции правилно ја извршуваат својата дејност. За да биде јасно моето мислење, за тоа што би можело да се промени, треба на читателот да му дадеме контекст. Државното менаџирање на областите култура и уметност во нашата државата не е реформирано уште од социјализмот. Со осамостојувањето на државата во 1991 г. се смени и економскиот модел, од државна сопственост и контрола во пазарна или либерална економија. Тие промени не се применија во секторот култура и уметност. Не се применуваат ни денес. Нема да згрешиме ако речеме дека тогаш некои потези беа многу понапредни и во општ интерес отколку функционирањето сега. Ќе илустрирам преку пример. Кога се отвори новиот Дом на култура во Струмица, во 1986 година, во рамките на истиот беше вградена дискотека. Претпоставувам со цел да биде застапен и културно-забавниот живот во градот. Таа дискотека во почетокот беше управувана од управата на институцијата, а соодветно и профитот се влеваше на сметка на институцијата. Втор пример е соработката на културниот со економскиот сектор. Во социјализмот активно се работеше на описменување и облагородување на населението. Државата нашла механизам како тоа да го спроведе. Државните компании ги купуваа театарските билети и ги делеа бесплатно на работниците. Секако, олеснителна околност тогаш беше малиот број на медиуми. Постоеја два телевизиски канали, кино, театар и концерти. Тие модели наместо да се надоградат, потполно се деградираа. По 1991, просторот на дискотеката во Домот на културата, беше окупиран од приватни профитери кои за многу мали наеми правеа големи пари. Таквата агресија беше координирана од политичките партии кои претпоставувам имаа дел од тој колач. Јавноста се замајуваше со флоскулите дека државните институции немале законско право економски да оперираат со тој тип на активности, што е ноторна лага. Во социјализмот имале право, во капитализмот не? Смешно е. Таа лага се провлекува до денес. Законот јасно го прецизирам во тој дел на можности, но некој треба да го спроведе. Треба да разбереме дека за да биде самоодржлива културата мора да има комерцијален аспект. Комерцијално не значи ефтино, туку економски подобно. Самиот верувам дека ако овој дел од процесот на општествена транформација во културата им беше доделен на институциите, денес сликата ќе беше сосема различна. Културната турбо-фолк контаминација немаше да се случи воопшто. Од друга страна, институциите ќе беа финансиски на многу повисоко ниво, а со тоа немаше да се доцни 20 години со обнова на инфраструктурата, 58 години да се дојде до награда од странство, да се случат трагедии како што беше паѓањето на чига врз публиката во МОБ, пеколот во Кочани итн. Ако пред неколку години, случајно, се објави дека МКЦ -Скопје имало приходи од 100.000 евра за една година, само од шанк со една даска, два фрижидери и кафе машина, можете да замислите колку неброени милиони за 35 години се отидени во приватни џебови, наместо на сметка на институциите во културата. Важно е да се спомне и континуираната негрижа за едукативниот елемент за кој државните институции треба да се грижат. Ние очекуваме населението да знае и препознае што е квалитет, а што не. Како? Од каде ќе дојде таа информација и продуховеност? Тоа мора да биде преку постојани кампањи од информативен и образовен карактер. Но, ќе речат, ние не сме образовни институции. Точно, но и фабриката за шампони не е, а сепак детално, преку реклами и корпоративни видеа, ги објаснува придобивките од користењето на шампонот. Холивуд е плиток во содржините, но 70% од буџетот одвојува за промоција, а резултатот е десеткратно зголемен профит. Целта на институциите е да се создаде потреба од квалитетна култура, а тоа може да се случи само преку образовни мерки. Во тој дел може и треба уште многу да се направи. За да имаат очекувања граѓаните, треба прво да знаат што треба да очекуваат. Ако јас не знам дека постои ракета, нема ни да очекувам некој да се качи на месечината. Промената на свеста на луѓето е најтешкиот потфат, но и најблагодарниот на долги патеки. Често имам чувство дека интересот на државата е да го држи граѓанството во слепило, прост народ – силна држава. Индивидуалците во уметноста треба да се спротистават на таа апатија и антинационално делување и да си ја вршат својата работа и конечно пристапот кон менаџирање на културата да фати чекор со времето во кое живееме.
Независната сцена со свои осцилации горе/долу е еден вид репер за алтернативна култура во градот. Некогаш е во силен подем и продукција, некогаш исчезнува на маргините. Што треба Општина Струмица да промени во раководењето со буџетот и планирањето на културата, за да имаме вистинска културна понуда и континуиран развој на независната сцена. Дали и во иднина ,,културно-забавните” групи и здруженија ќе го имаат главниот збор во креирањето на културните политики во градот, а забавниот живот ќе се интерпретира како културна програма?
- Подемот на независната култура во градот секогаш бил благодарение на исклучоци. Индивидуалци или помали групи на луѓе кои преземале активности. Оние, на кои им биле дадени огромни средства и ги управувале главните културно-уметнички случувања, не направиле нешто посебно за подем во културата. Удобно пиеле и јаделе на сметка, шетале, исплаќале хонорари на свои луѓе и се задолжувале. Подарената одговорност да се управува ја злоупотребиле за лични интереси и профит. И уште поважно, со сета сила се труделе да ги уништат и демотивираат оние кои сакале да создадат квалитетна вредност. Тие нешта се обично невидливи за широката популација и си постојат со децении. Ни преостанува одново и одново да се трудиме да влијаеме за позитивни промени и да не паѓаме во очај од честите парадоксални ситуации.
Општината треба да формира совет/комисија за култура кој ќе биде сочинет од локални докажани професионалци во културата од сите подобласти на истата и никако претставници на партии. Градоначалникот е манаџер кој ќе си промовира своја визија пред тој совет. Сите средства кои се одвојуваат за култура најпрвин да го поминат тој филтер, пред да бидат гласани од Советот на Општина Струмица. Културата ако не е образована и продуховена, станува кич, шунд и квази култура. Во ова време-невреме, тие трендови се јавуваат и во професионалната култура и треба многу внимание ако сакаме да биде убаво. Потоа, да биде олеснет пристапот до средства. До моментот, за да ти одобрат буџет најмногу до 4000 евра, треба да поднесеш апликација која во Европа се пополнува за суми со над 100.000 евра. Од друга страна, се случува дискриминација. На некои здруженија им се доделува фиксен буџет без апликации. Сето тоа треба да се регулира и тоа не од политиката, туку од професионалците. Политичарите треба само да внимаваат на правилната распределба и јавниот интерес. Се надевам дека новото раководство на Општина Струмица ќе им го одземе пашалакот на дилетантите-профитери и конечно ќе ја додели културата во вистински раце. Нема да биде грешка и да се отворат документите за тоа што се правело до сега, па да има и морална и правна одговорност.

Постои совршен објект, но за жал нефункционална Градска галерија на плоштадот, постои Младински културен центар од неодамна, кој исто така нема годишна програма. Колку е тоа штетно пред сѐ за младите во еден град каков што е Струмица, со огромен потенцијал и културна историја. Локалните самоуправи во Европа работат на целосна децентрализација на културните политики од главните градови и министерства. Ние каде застанавме? Ќе се менуваат ли работите на подобро или како и досега сè ќе биде препуштено на стихијата, паушално пополнување програми без конкурси и стратегија. Сериозна годишна културна програма на градот или желботеки и ад хок решенија? Дали ќе останеме провинција која планира само летен културно – забавен живот, вашари или во текот на целата година ќе имаме сериозна понуда како што доликува за град од тој калибар?
- Се изнагледавме низ цела држава како нови објекти пропаѓаат, што е случај и со старо-новиот театар, ако наскоро навистина не се направи, ќе почне да пропаѓа. Не ми е јасно зошто општината ја направи Градската галерија и ја заклучи. Ако немаат средства, нека ја работи здружение, млади луѓе… некој. За Младинскиот културен центар ми беше разочарување кога дознав на која локација е направен. Во подрумот на општинската зграда. Во подрум, младински центар. Навистина генијално. Струмица заслужува посебна зграда МКЦ каде младите ќе ги вкрстуваат копјата преку уметност и позитивни активности. По тој повод го повикувам поранешниот градоначалник и премиер да донира преку неговата фондација една убава зграда МКЦ, за младите кои сакаат да останат тука.
За сериозноста ќе дадам само еден пример. Карневалот во Струмица е еден од најстарите во Македонија. Денес повеќе наликува на карневал од Јужна Америка. Дали некогаш управата на карневалот ангажирала етнолози, антрополози и сл. за да го дизајнира, па и редизајнира карневалот во уникатно случување, настан карактеристичен само за Струмица? Ако не го направиле досега, нека го направат, за да ги сфатиме сериозно.
Дали ќе се менуваат работите зависи од тоа како ќе постапуваат новите власти. Нивната задача не се ограничува само на тоа да ги прераспределат народните пари. Тие треба да го препознаваат, регрутираат и мотивираат секој кој може да придонесе за заедницата, во случајот за секторот култура. Кога се обновуваат работите, мобилизацијата е повеќе од важна. Ниските страсти и лични интереси треба да стивнат, за да има простор за сите добронамерни. Треба стратегија и трпение, не може да се промени сѐ преку ноќ. Градот има капацитет, треба да се разбуди.

За крај, Фестивалот за камерен театар ,,Ристо Шишков”. Како еден од најреномираните театарски фестивали во земјата, сведоци сме дека последните години е во слободен пад, како со програмата, така и со организација и маркетинг. Каква е вашата визија за тој фестивал и дали конечно таму треба да се случат промени? Изминатите четири години видовме позитивен пример со фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Што е клучното решение за овој театарски фестивал достојно да го носи името на големиот актер Шишков и во иднина!?
- Како што споменав, ФКТ „Ристо Шишков“ го следам од самите почетоци, иако не сум присуствувал на сите изданија. Тој фестивал беше основан прво како ревија „Денови на Ристо Шишков“ од наши познати уметници и соработниците на Шишков, како Бранко Ставрев, Бранко Гапо, Столе Попов и други во соработка со тогашниот Дом на култура „Благој Ј. Мучето“ каде директор беше Кире Козаров. Потоа фестивалот е регистриран како здружение, претпоставувам за да задржи независност од институции и директори. Се чинеше дека работите тргнаа на добро. По неколку години, на еден „генијалец“, му текна дека фестивалот треба да се политизира со тоа што Градоначалникот ќе назначува директор на фестивалот. Тоа беше почетокот на слободниот пад. Сепак, во меѓувреме, имаше една прилично добра година на фестивалско издание. Но, само една. Потоа следеше директор, тотален аутсајдер, кој царуваше осумнаесет години, до денес. Веројатно уште не е сменет. Генералниот впечаток е дека фестивалот остана без критериуми, да не зборуваме за отсуството на дополнителните активности кои го прават фестивалот. За да биде одржлив фестивалот треба да премине во организација на театарот, но со управен одбор сочинет од професионалци од цела држава. Не ми се допаѓа моделот на управен одбор на прилепскиот фестивал, таму е сочинет од директорите на театрите. Според мене членовите треба да се уметници кои можат и сакаат да придонесат за фестивалот, а не фигури кои ќе гласаат нешто. Иако под театарот, директор/селектор не мора да биде директорот на театарот. Тоа што треба најпрвин да се изготват принципи и критериуми на фестивалот, во пишана форма. Така ќе се заштити фестивалот, без разлика кој го управува и ќе има рамка. Во Прилеп се покажа дека е до луѓето, последниот менаџмент навистина помести нешто од мртва точка. За ФКТ Ристо Шишков клучно е да се реформира и стане вистински фестивал. Има безброј примери, а да се гугла на интернет и не е толку тешко.