Еден од најпознатите грчки виолинисти роден во Струмица

4 мин. читање

Димитрис Семсис (Δημήτρης Σέμσης) или Салоникиос (Σαλονικιός), е грчки виртуоз на виолина, роден во 1883 година, во градот Струмица, дел од Отоманската Империја. Неговиот татко и дедо биле виолинисти, а Димитрис почнал да учи виолина уште од најрана возраст. Кон крајот на деветнаесеттиот век, тој учествувал во циркуски оркестар, кој патувал низ целиот Балкан. Најверојатно по завршувањето на Втората балканска војна, семејството на Семис емигрирало во Солун, Грција. Односно со повлекувањето на грчката армија, од градот Струмица се иселуваа мнозинското месно христијанско население кое било дел од грчката патријашија.

Семсис продолжува посветено да се занимава со музика, се придружил на група патувачки музичари кои свиреле низ Балканот, Турција, Сирија, Египет и Судан. Околу 1920 година, Семсис се населил во Смирна, која во тој период била окупирана од грчки трупи, овде се запознава со изведувачи и композитори од Смирнската школа. Во септември 1922 година, Семсис пребегал од Смирна и пристигнал како бегалец во Грција. Во 1923 година, се оженил со Димитра Канула, со која заедно имале 4 деца.

На почетокот на 1927 година, веќе трајно се населил во Атина. Во тоа време, го добил прекарот Салоникис, дел од раководителите на издавачките куќи сметале дека потекнува од Солун.

Тој е првиот органист чие име е наведено во записи на издавачките куќи. Кон крајот на 20-те години на минатиот век, Семсис бил директор за снимање во HMV и Columbia, позиции со големо влијание, кои ги задржал во текот на 1930-тите и 1940-тите. Учествувал во стотици снимки на традиционални, смирненски и ребетико песни помеѓу 1924 и 1931 година, ги претставил своите први песни околу 1928 година, а во 1931 година го презел уметничкото раководство на His Master’s Voice, позиција што ја имал до неговата смрт. Напишал над 100 песни.

Во 1930-тите, Димитрис снимал со Роза Ескенази (Rosa Eskenazi), уживајќи голем успех. Често ја придружувал во таверни заедно со Агапио Томбулис (Agapio Tomboulis), Ламброс Саваидис (Lambros Savvaidis) и Ламброс Леонардис (Lambros Leonardis). Неговите композиции биле снимени од најголемите уметници од тоа време, како што се Рита Ампаци (Rita Ampatzi), Стелакис Перпинијадис (Stellakis Perpiniadis) и Стратос Пагиумцис (Stratos Pagioumtzis). Пишувал ребетико и народни песни, како и смирнеика и аманеди.

Семсис се истакнува во областа на урбаната народна песна во меѓувоениот период како виртуозен виолинист и како типични претставник на музичкиот идиом што денес вообичаено го нарекуваме смирнески. Во исто време, одигрува одлучувачка улога како уметнички директори на снимки за странски компании кои го управуваат раното снимање плочи во Атина (HMV и Columbia.).

Без сомнение Димитрис, бил најголемиот виолинист што снимил во областа на ребетико/смирна. Во 1972 година, во едно интервју, Роза Ескенази изјавила дека Димитрис свири на „најдобрата виолина на светот“.

По кратка хоспитализација, Димитрис Семсис починал од рак во Атина, на 13 јануари 1950 година. Неговите потомци денеска сеуште живеат во Грција.

Автор:
Вработен во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица.