Додека тешката механизација се подготвува за поставување на новиот интерконективен гасовод, под слоевите земја „проговори“ историјата. Екипи на НУ Завод и Музеј – Струмица, во соработка со колегите од НУ Музеј – Гевгелија, веќе неколку недели интензивно работат на заштитни археолошки истражувања долж трасата на гасоводот, спасувајќи вредни артефакти пред тие да бидат засегнати од градежните работи.
Активностите се фокусирани на потегот од стационажата 00,00 до 38,50 километри, дел кој потпаѓа под надлежност на струмичкиот Музеј. Теренската работа, која започна на 2 март, е дел од вонпрограмските активности на институцијата и има за цел да го документира и заштити културното наследство кое со векови лежело под површината.

Според планот, истражувањата ќе опфатат вкупно шест локалитети, а во моментов акцентот е ставен на три клучни точки: Бистерна, Коњари и Врла Страна (гевгелиско)
На овие локации археолозите веќе дефинираат остатоци од објекти кои припаѓале на населби од римското владеење и периодот на доцната антика. Зад овој обемен проект стои мешан стручен тим предводен од искусниот археолог м-р Зоран Рујак, заедно со колегите д-р Душко Цветанов и Емил Сламков. Покрај археолозите, на терен се ангажирани и технички документатори, конзерватори и помошен персонал.

Трката со времето и градежните рокови е евидентна, но стручњаците се децидни дека квалитетот на истражувањето не смее да трпи. Заштитните ископувања е предвидено да траат до почетокот на јуни 2026 година. Дотогаш, се очекува на виделина да излезат уште многу фрагменти од античкото секојдневие, кои по соодветна обработка ќе ги збогатат музејските витрини и македонската историска ризница.
Извор:
– Facebook страна на НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица