Петар Илич Чајковски е познат по бајките претворени во чудесни балетски и симфониски дела, како Оревокршачка или Заспаната убавица. Но, тој компонирал и едно духовно дело: „Литургијата на свети Јован Златоуст“ (Op. 41).
Ова хорско грандиозно дело е едно од најчистите и највозвишени музички сведоштва на православната вера и култура.
Литургијата е музичка обработка на традиционалната православна богослужба посветена на Св. Јован Златоуст. Напишана е во 1878 година, во период кога Чајковски е во тешки душевни и емотивни кризи и барал духовен мир и внатрешна рамнотежа.
Хорот на херувимите, како дел од ова монументално дело е едно од врвните хорски дела некогаш напишани во православниот свет. Како да лебди помеѓу земјата и небото. Ова дело е исповед на композиторот пред светот.
Во ова хорско дело Чајковски прави нешто револуционерно за своето време.
Ги зема старите црковни напеви и им дава хармонска длабочина, создава чувство на простор, светлина и тишина.
Го избегнува театралното, патетичното карактеристично за романтизмот, и сè е насочено кон внатрешно созерцание. Затоа е безвремено и се обраќа кон Вечноста.
Во времето кога е создадена, ваквата музика била под строга контрола на црковните власти во Русија. Чајковски се осмелил да ја обнови духовната музика надвор од строгите канони, што предизвикало и контроверзии во Царската Русија.
Но токму затоа, денес делото се смета за пресвртница во православната духовна музика која излегува од рамките на канонските црковни закони.
