Ивана, ликовен уметник, дипломирана графичарка на Ликовната академија во Скопје. Последните години активно се занимаваш со применетите уметности, везење, плетење со секакви материјали. Прашањето од прва е: дали постои уште тој импулс, љубов кон класичните графички техники?
- Да, ми недостасува Сули Ан. Графиката, сама по себе, е чин на врежување — без разлика дали станува збор за метал, дрво или камен — што резултира со отпечаток кој е истовремено суров и нежен. Печатот овозможува уметноста да се мултиплицира, но секој отисок го задржува автентичниот карактер на рачната изработка. Секоја линија што е издлабена станува постојана. Тоа е дијалог помеѓу силата на раката и отпорот на материјалот.
Графиката често ја споредувам со плетењето. Иако крајните производи се различни, процесот на создавање е изненадувачки сличен. Како што плетењето напредува со секоја јамка, така и рачната графика — особено кај линорезот или бакрописот — се гради со секој поединечен засек. Ниту графиката, ниту плетењето не нудат инстант задоволство. Потребни се време, посветеност и многу рачна работа пред да се види финалниот резултат.
И во двете вештини мора да се размислува неколку чекори однапред. Кај плетењето доминира мекоста на материјалите, додека кај графиката — отпорот. Но, во двата случаи, крајниот резултат создава текстура која сакате да ја допрете со прсти.
Со условите што ги имам, можеби токму затоа се занимавам со плетење — затоа што ми го дава речиси истото задоволство како и графиката.

Колку класичното ликовно образование, и од Средното уметничко училиште и од ФЛУ значат за сегашните креации кои не се класично ликовни? Дали сето образование и искуство со ликовните техники ти овозможија посигурен пристап кон декоративното, модно и применето креирање во твоето студио?
- Како и во сите уметности, сметам дека за да се достигне вистинска слобода на изразување, најважно е прво да се совлада класичното. Само кога ќе ги познаваш основите, можеш да создадеш свој ракопис и личен начин на изразување. Како што без да ги знаеш буквите не можеш да пишуваш поезија, така и во секоја уметничка форма прво доаѓа учењето на јазикот на таа вештина.
Плетењето, иако е традиционална техника, јас го доживувам како медиум преку кој се изразувам. Отсекогаш сум сакала да вајам, да работам линорез или да ја почувствувам таа возбудлива неизвесност што ја носи графиката — кога матрицата ја изработуваш долго време, а дури со првиот отпечаток навистина гледаш до каде си стигнал.
Можеби и затоа не сакам да плетам строго по шема. Додека работам, во моментот одлучувам како да ги комбинирам боите и кое предиво најдобро одговара на одредена плетка. Токму таа спонтаност ми ја одржува возбудата и не дозволува да ми здосади процесот.
Јас сум човек кој постојано бара нови нешта, а уметноста за мене е токму тоа — постојано барање на себеси, процес без крај.

Твојот бренд MAMA love crochet е препознатлив во Македонија, но веќе и надвор од неа. Твоите изработки и креации се уникатни, со твој авторски печат. Дали има кај нас интерес за пречекорување на класичното и обичното, сериското и фабричкото производство? Колку луѓето се подготвени да го ценат авторското и необичното во секојдневното користење на модните креации?
- Најпрво, ми се допаѓа јасното разграничување помеѓу уметноста и применетата уметност. Уметноста, сама по себе, е нешто што нè тера да размислуваме, нè трогнува, нè допира, понекогаш нè растажува. Таа не е украс што треба само да биде шарен и убав. Уметноста не е декорација, туку длабоко чувство кое уметникот го пренесува – на платно, на сцена или преку кој било медиум.
Од друга страна, применетата уметност има поинаква улога – таа треба да ни служи, да ја носиме, да биде дел од нашето секојдневие. Затоа е важно да ни се допаѓа, а тоа веќе зависи од нашиот карактер, вкус и стил. И тука има простор за експериментирање, но сепак во рамки кои ја следат функцијата.
Плетењето како вештина се учи, но суштината е во тоа како ќе ја примениш и што ќе создадеш со неа. Луѓето кај нас, покрај квалитет и функционалност, сè повеќе бараат и нешто уникатно – нешто што ќе ги издвојува. За мене, токму тоа е предизвикот: да изработувам чанти комбинирајќи материјали како дрво и плексиглас со плетиво.
Ја сакам слободата на изразување, но уште повеќе ме исполнува кога таа слобода ќе резултира со нешто што може да се носи – нешто што има и душа и функција.

Како и дали во помалите места и градови е возможно целосно да се егзистира од професионална посветеност на применетата уметност? Дали интернетот и онлине комуникацијата помага во поширокото и подостапно презентирање на твоите изработки и производи?
- Да, возможно е, со вистински пристап.
Во нашата држава, во последните години, онлајн купувањето значително се зголеми. Луѓето сè поретко одат по продавници како порано, а сè почесто нарачуваат преку социјалните мрежи. Токму затоа интернетот и онлајн комуникацијата играат клучна улога – тие овозможуваат твоите изработки да стигнат до многу поширока публика, без разлика дали работиш во мал град или голем центар.
Сепак, за да се опстои на пазарот, неопходно е да се понуди квалитетен производ. Подеднакво важна е и презентацијата – убава, професионална фотографија, јасен визуелен идентитет и начин на комуникација што ќе го доближи производот до купувачот. Многу значајно е да се размислува од перспектива на купувачот – што сака да види, што го привлекува и што му дава доверба.
Само со ваков пристап може да се изгради одржлива приказна и да се егзистира од рачни изработки. Не мислам дека кај нас не се цени рачната работа – напротив, но реалноста е дека не секој може да си ја дозволи. Сепак, станува збор за уникатни производи, изработени во мал број, кои бараат време, знаење и посветеност – и тоа природно ја зголемува нивната вредност.
Дополнително, живееме во време на „брза мода“, која секојдневно нè преплавува со евтини и масовно произведени производи. Но, таа достапност има и своја цена – не само во квалитетот, туку и во влијанието врз животната средина. Токму затоа, рачната изработка носи посебна тежина – како поодржлива, повредна и поавтентична алтернатива.

Што би предложила или променила во нашиот град за полесна достапност на уметноста и применетите креативци до публиката и граѓаните? Базари, саеми на применета уметност, фестивали на ликовните креативци или можеби постојани ателјеа – студија субвенционирани од општината кои би биле постојано на дофат на публиката? Како опстојува твоето шармантно и специфично студио во Старата струмичка чаршија?
- Сметам дека за полесна достапност на уметноста и применетите креативци до публиката, потребен е поосмислен и подостоинствен пристап кон нивното претставување. Порано, речиси сите наши баби плетеле, везеле и ткаеле, и добро ја познавале тежината и вредноста на рачната изработка. Токму затоа таа била и многу повеќе ценета.
Денес, мислам дека е важно повторно да се приближи самиот процес на создавање до луѓето – да се види трудот, времето и љубовта вложени во секое парче. Исто така, потребно е да се смени перцепцијата дека рачната изработка е нешто направено од „вишок“ материјали од дома , туку да се сфати како свесен и вреден процес на создавање уникатни производи.
Би предложила организирање базари и саеми на повисоко ниво, каде што рачните изработки ќе бидат претставени во соодветен простор, со естетика што одговара на нивната вредност – а не изложени на импровизирани масички покрај улица. Квалитетните рачни изработки се мало богатство создадено од раце и заслужуваат достојна сцена.
Во поголемите земји, а сè почесто и во Скопје, ваквите базари се третираат како вистински културни настани – комбинирани со добра музика, храна и пријатна атмосфера. Тоа создава целосно искуство за посетителите и ја доближува уметноста до пошироката публика на природен и привлечен начин.
Верувам дека токму ваков концепт му недостига на нашиот град – место каде уметноста не само што ќе се продава, туку и ќе се доживува

Имаше доста работилници на кои го претстави своето креирање со материјалите кои ги сакаш, но и го пренесуваше на млади и возрасни луѓе кои сакаат да го научат тој занает. Дали ти дава импакт и задоволство тоа што го пренесуваш низ педагошки работилници твоето знаење?
- Отсекогаш сум верувала дека уметноста е за споделување, а не за чување во плакар. Токму затоа сметам дека знаењето и вештините треба да се пренесуваат понатаму.
Мене навистина ме исполнува тоа што има луѓе – млади и возрасни – кои сакаат да научат, а јас имам можност да им го пренесам она што го знам. Тоа чувство на размена, на заедничко создавање, има посебна вредност.
Особено ми е драго што со тие работилници се враќа една убава, речиси заборавена традиција. Се сеќавам на приказните од баба ми, која раскажуваше како по работата на поле, жените се собирале заедно, плетеле, разговарале и се смееле додека имало дневна светлина. Со доаѓањето на вечерта, секоја си се враќала дома. Таа слика ми делува како нешто многу далечно, а всушност не е.
Секогаш сум посакувала и кај нас да постојат вакви собири, да бидам дел од нив – сè додека не решив самата да станам организатор.
Најмногу ме радува токму енергијата на тие работилници: жени од различни генерации, собрани на едно место, поврзани од заеднички интерес и искрена желба да научат да плетат. Тоа чувство на заедништво и создавање е нешто што навистина остава силен впечаток и дава смисла на сè што го работам

Би се вратила ли некогаш на твоето ателје каде би сликала или правела графики? Па можеби и самостојна изложба комбинирано со твоите креации од волна и конец?
- Кога работев графика, најмногу ме привлекуваше колографијата – техника во која површината се гради со различни материјали, слој по слој, создавајќи богата и разновидна текстура. Секој додаден елемент носи своја трага, а крајниот отпечаток е релјефен, жив. За мене, тоа отсекогаш било како „плетење со текстури“.
Често размислувам како да ги спојам овие два света – плетењето и класичната уметност. Веќе имам неколку идеи за нешто што ќе биде истовремено традиционално и современо, нешто што ќе ги поврзе рачната изработка и уметничкиот израз на поинаков начин.
Но, во овој период од животот, мојата најважна улога е да бидам мајка – на девојче од 9 години и бебе од 5 месеци. И токму тоа ми дава простор идеите да созреат природно, без брзање. Верувам дека сè доаѓа во вистинско време и дека сè се случува со причина.

Ти благодариме Ивана и ти посакуваме многу активности на планот на применетата уметност, изложби и разубавување на нашиот град со твоите креации.