Атанас (Тане) Митровски истакнат градител и архитект од крајот на XIX и почетокот на XX век, роден е во 1873 година во дебарското селото Себишта (денешна Албанија), тогаш во Отоманската империја. Уште во најраната негова младост, неговите родители Христо и Евангелија се иселуваат од планинското село Селиште, поради егзистенцијални причини. Немајќи услови за земјоделска дејност, Христо како и повеќето мажи во селото заработуваат за живот од градежништво. Така семејството Митровски завршило во Солун, каде што трите момчиња на Христо почнале да учат занает.
Атанас е најмладиот од тројцата браќа Митровски. Неговите двајца постари браќа, Александар (Алекса) (околу 1865 година – пред 1922 година) и Георги (1870-1922), исто така биле градители. На 12-годишна возраст, Атанас заминува на гурбет со градежна тајфа како чирак и станал устабаши (најдобар мајстор занаетчија)
Браќата Митровски станале градежни претприемачи, градејќи бројни приватни и јавни згради во отомански Солун. Заедно со познатиот италијански архитект Виталијано Позели, тие ја изградиле зградата на османлиската гимназија (сега Филозофски факултет на Универзитетот во Солун), воениот округ со касарната, воденицата на браќата Алатини, како и повеќе хотели во самиот град. Се верува дека учествувале во изградбата (реконструкцијата) на сите бугарски цркви во Солун и на железничката делница на солунскиот трамвај. Најстариот и најталентиран од тројцата браќа Александар (Алекса), за неговите градби во Солун бил награден од отоманските власти со „Златниот клуч на градот Солун“. Семејството Митровски очигледно имало добар општествен статус во Солун. Тројцата браќа живееле во сопствена трикатна куќа во централниот дел на градот, во парохијата на егзархискиот свештеник Христо Шумаров. Нивниот дом бил близу до триумфалната капија на царот Галериј и местото каде што денес се наоѓа црквата Παναγία Δεξιά.
Алекса заедно со својот брат Георги учествувал во изградбата на низа значајни згради во Солун, вклучувајќи ги касарните, приватни објекти, зградата на Отоманската банка, зградата на Солунскиот конак, палатите на Кулуш-бег со уметнички украсени тавани и разни скулпторски декорации, Солунската електоцентрала, Солунското казино до Белата кула и други. Митровски градел згради низ целата Отоманска Империја според свои архитектонски планови. Вклучувајќи го Бугарското училиште во леринското село Горно Варбени (денешна Р.Грција), црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица и црква „Свети Ѓорѓи“ во Солун. Покрај тоа бил и технички советник на Бугарската егзархија, која често се консултира со него за технички прашања. По Балканските војни во 1913 година, кога Солун паднал под грчка власт, тој емигрирал во Бугарија и се населил во Софија. Овде никогаш не го постигнал успехот што го имал во Отоманската империја. Негово дело се и камините на кралскиот дворец во карловското село Бања (Бугарија), изградени во 1929 година. Цар Борис III го одликувал со Орден за граѓански заслуги. Починал во 1940 година во Софија.






