6-ти декември 1915 – Голаш, Костурино

3 мин. читање

На денешен ден, пред точно 110 години, врвовите над Струмица станале сцена на една од најдраматичните, а често заборавени епизоди од Првата светска војна. На 6-ти декември 1915 година, во суровите ридови кај селото Костурино, започнала крвавата офанзива која го означила крајот на надежите за спас на Србија и почетокот на формирањето на Солунскиот фронт.

Есента 1915 година го донесе воениот виор на Балканот, отворајќи ново, крваво поглавје во Првата светска војна. Историските записи за движењето на 6-тиот баталјон фрлаат светлина врз хаотичните денови кога се формираше она што подоцна ќе стане познато како Солунски фронт.

На 2 октомври 1915 година, 6-тиот баталјон на Кралските даблински фусилиери (Royal Dublin Fusiliers) пристигнал во заливот Мудрос. Првичната неизвесност траела кратко – набрзо станало јасно дека нивната дестинација е Солун. Целта била јасна: да се спротивстават на бугарските сили кои вршеле напади врз српска територија.

Делови од 10-тата (Ирска) дивизија биле меѓу првите британски сили што пристигнале во Солун на 5 октомври. Сепак, 6-тиот баталјон на Даблинските фусилиери се соочил со бизарен проблем.

Тие требало да испловат од Мудрос на 6 октомври, но нивниот брод се заплеткал во анти-подморнички мрежи. Ова довело до доцнење, па тие тргнале дури вечерта на 9 октомври, пристигнувајќи во Солун следниот ден.

Сведоштвата на војниците го отсликуваат стравот и исцрпеноста на сојузничките трупи. Војникот Друри (Drury) во својот запис го оставил можеби најпрецизното предвидување за она што ги чека во суровите македонски планини:

Мислам дека веројатно ќе настрадаме, бидејќи тие се сите свежи и подготвени, додека нашите момци се истрошени и уморни.“

Овие зборови набрзо ќе се покажат како пророчки во претстојните судири таа зима. Историските архиви сведочат за ужасот што започнал неколку дена пред самата битка, а кулминирал на денешен ден. Силна снежна бура и температури длабоко под нулата го зафатиле регионот.

Луѓето смрзнуваа на своите позиции. Пушките им паѓаа од рацете бидејќи прстите им беа црни од студ. Непријателот беше страшен, но планината беше безмилосна,“ – се вели во еден од воените дневници на ирски офицер.

На 6-ти декември, искористувајќи ја маглата и исцрпеноста на противникот, бугарската армија започнала масовен артилериски и пешадиски напад. Главниот удар бил на врвот на планината Голаш. Битката била гради в гради. Битката била со илјадници загинати и ранети, но голем број жртви имало и од смрзнатини (над 1.500 војници биле евакуирани поради студот пред самата битка). Сето ова довело до повлекување на Антантата и воспоставување на линијата на Солунскиот фронт.

Извори:
Cambridge.org
Wikipedia
Youtube