ОК Струмица со голема победа во дербито против Штип УГД

4 мин. читање

Екипата на ОК Струмица вчера запиша значајна гостинска победа против Штип УГД во рамките на 9. коло од одбојкарскиот шампионат на Македонија. Подмладениот шампион одигра одличен натпревар и му го нанесе првиот пораз на лидерот на табелата, еден од главните конкуренти за титулата. Крајниот резултат беше 3:2 во сетови за Струмица.

Младите играчи на Струмица – Кристијан Илијев, Јован Милев, Ване Арапов, Јован Лука Глигоров, Томе Пецев и останатите – предводени од искусните репрезентативци Владо Милев и Ефтим Ричлиев, уште еднаш покажаа дека и оваа сезона ќе се борат за највисок пласман и ќе дадат сè од себе за одбрана на шампионската титула.

Владо Милев,кој покрај играчката функција ја има и функцијата на претседател на клубот, по натпреварот изјави:

„Одигравме одличен натпревар во Штип, но уште повеќе ме радува како ја започнавме сезоната – од европските настапи па сè до оваа важна победа. Штип има силна екипа составена од неколку наши репрезентативци и двајца интернационалци, но тоа не беше пречка да покажеме дека на теренот не се бројат годините или имињата – дали некој е 38 или 18 години – туку дали знаеме да играме, дали даваме сè од себе или не.“

Тој потенцира дека настапите во Лигата на шампиони и ЦЕВ Купот имале огромно значење за развојот на младите играчи:

„Европските натпревари беа клучни – таму видовме каде сме, но и стекнавме самодоверба. Овие деца не се само талентирани, туку и посветени, желни за напредок. Сето тоа ми дава за право да верувам дека тие се нашата иднина и идните носители на ОК Струмица и на македонската репрезентација.“

Во однос на потценувањата кои доаѓале поради подмладувањето на тимот, Милев вели:

„Само ние во клубот знаеме каков потенцијал имаме. Ништо не е случајно. И покрај сите проблеми, направивме чекор што се покажа исправен. Градиме темели за период од два олимписки циклуси. Можам да го разберам до некаде потценувањето од конкурентите, но не и од ОФМ. Многупати разговаравме како младите да бидат повеќе вклучени во натпреварувачки систем, како побрзо да растат, но како да зборував напразно. Потребно е средување на лигата и првенството. Сакам да гледам повеќе силни конкуренти како Штип УГД. Но жалам што федерацијата не го препознава доволно нашиот придонес. Одговорите ги знам однапред – никој не сака да прифати критика. Затоа нема да барам вина во ОФМ; секој успех и неуспех ќе го бараме во нас. Останува да работиме уште понапорно, а резултатите ќе дојдат.“

Клубот во последниот период се соочува со сериозни финансиски и организациски предизвици, но тие околности дополнително го мотивирале тимот да создаде нова генерација одбојкари:

„Најдовме начин да опстанеме и сега излегуваме уште посилни. Сезоната е долга – пред нас се уште пет месеци натпревари. Не сакам да најавуваме титули, тоа е помалку важно. Тие сами ќе дојдат ако продолжиме по вистинскиот пат, како што сме докажале во минатото. Најважно е да веруваме во процесот и да работиме.“

Милев истакна дека е потребна и поголема поддршка:

„Сакам во периодот што следува да ја надоградиме соработката со новите градски власти и со Министерството за спорт. Трошоците за одржување на клубот растат од година во година, а примањата стагнираат. Убеден сум дека ќе наидеме на разбирање и дека ќе успееме да обезбедиме подобри услови за да продолжиме да создаваме играчи.“