Соседите протестираат ние китиме елки

2 мин. читање

Грција

Земјоделците протестираат поради доцнење на исплатата на субвенциите од ЕУ и истраги за корупција поврзани со тие фондови. Тие бараат итни исплати и мерки против високите трошоци за производство.

Има блокади на патиштата, особено во северна Грција. Најкритично е што повремено се блокира граничниот премин Евзони (Богородица), како и патиштата околу Солун и пристапот до аеродромот во Солун. Полицијата веќе употреби солзавец против земјоделците кои се обидоа да го блокираат аеродромот во Солун.

Бугарија

Владата (предводена од Росен Жељазков и поддржана од ГЕРБ) предложи нов буџет за 2026 година кој предвидуваше зголемување на даноците и осигурителните придонеси. Граѓаните и бизнисите сметаат дека ова ќе го поскапи животот и ќе ја зголеми “сивата економија”.

Демонстрантите скандираат против “мафијата” и корупцијата во власта. Постои огромно незадоволство од начинот на владеење и се бара целосна оставка на владата и нови предвремени избори. На улиците се приврзаници на опозициските партии, но и многу млади луѓе и граѓани кои не се партиски определени, но се гневни на политичката елита.

Имаше неколку вечери со сериозни судири меѓу полицијата и демонстрантите, палење на контејнери и апсења. Полицијата користи водени топови и солзавец кога ситуацијата ескалира.

Србија

Во Србија, ситуацијата е малку поразлична од Грција и Бугарија. Додека таму доминираат економски теми, во Србија протестите се длабоко политички и општествени, поврзани со владеењето на правото и изборните процеси. Опозицијата и дел од граѓаните обвинуваат за големи изборни нерегуларности, притисоци и “кражба на гласови”. Веднаш по изборите имаше протести пред зградата на РТС (Радио-телевизија Србија) во Белград, барајќи фер известување и истрага.

Студентите и опозицијата најавуваат голем, децентрализиран протест низ цела Србија за крајот на месецов (28.12.2025) со барање за распишување на нови, фер парламентарни избори.

Македонија

Китиме елки и купуваме нови лампиони и сијалички.