Тренерот што донесе одлични резултати си заминува од ОК Струмица

3 мин. читање

По промената во раководството на ОК Струмица следуваат и низа други промени во самиот клуб. Следен што заминува од клубот е првиот тренер на екипата Атанас Милев. Тој во минатиот период имаше одлични успеси со сениорската екипа на клубот, а претходно и со младинските категории.

Во продолжение ви ја претставуваме изјавата на досегашниот тренер Атанас Милев:

По темелно и одговорно размислување, донесов одлука да поднесам оставка од тренерската функција поради неможност за професионална и конструктивна соработка со новата управа на клубот. Оваа одлука не е лесна, но сметам дека е единствено исправна во интерес на мојот личен и професионален интегритет. Во текот на мојот ангажман во клубот, целосно се вложив во развојот на играчите и во градењето стабилен и конкурентен систем. Резултатите што ги постигнавме заедно зборуваат сами за себе: три години по ред клубот беше шампион во сите младински категории, што претставува јасен доказ за континуирана, планска и посветена работа со млади спортисти.

Посебна благодарност и признание му должам на поранешниот претседател на клубот, со кого имавме искрена, коректна и професионална соработка. Благодарение на неговата поддршка, доверба и визија, ми беше овозможено непречено да работам, да развивам млади играчи и да креирам систем кој донесе резултати. Таквата атмосфера беше клучна за успесите што ги постигна клубот во изминатиот период.

Со млад и неискусен состав, во ситуација со слаби резултати и нарушена самодова со многу работа, трпение, верба во младите и неискусни играчи успеавме да се натпреваруваме на високо ниво. Настапивме во лига на шампиони и докажавме дека клубот може да се носи со најдобрите. Се изборивме за значајни победи и да ја поставиме основата за продолжување на европската успешна приказна на клубот. Овој настап е уште еден доказ за посветеноста и потенцијалот на играчите, како и за системот што го градевме заедно.

Гордо можам да кажам дека секој успех беше резултат на чесна работа, дисциплина и искрена посветеност кон клубот и кон младите играчи. Им благодарам на сите играчи, на стручниот штаб, како и на сите луѓе кои искрено го поддржуваа клубот во овој период.

На клубот му посакувам многу успех во иднина. Јас заминувам со крената глава, чист образ и мирна совест, знаејќи дека зад мене остануваат резултати кои ќе зборуваат сами за себе.