Иако денеска во 9 часот во Сојузот на синдикатите на Македонија се очекуваше доаѓањето на претставникот на Владата за потпишување на Спогодбата за утврдување на минималната плата од 600 евра во нето износ, средбата не се реализираше. Со оваа спогодба, која требаше да стапи на сила со исплатата за месец февруари 2026 година, беше предвидено и линеарно зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари, како неопходен чекор за справување со сè поголемиот број ниски плати во државата.
Од ССМ порачуваат дека денеска „паднаа маските“ и се разобличија лагите кои претставниците на Владата ги пласираа во изминатите денови за да створат сомнеж кај работниците. Со неоправданото отсуство, власта потврди дека зголемувањето на платите и подобрувањето на стандардот на вработените не се на нивната листа со приоритети. Синдикатот посочува дека иако по големиот работнички протест Владата наизглед го прифати предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството за 40%, денешното бегање од потпишување на колективните договори покажува дека тие само зборуваат, но не делуваат, продолжувајќи со практиката на неодговорност која трае во текот на цела 2025 година.
Дополнително, Синдикатот алармира за опасните намери за укинување на одредбите од Општиот колективен договор во делот за пресметка на платите по коефициент на сложеност. Според пресметките, ова би значело намалување на примањата за 130.000 работници во јавниот сектор за вкупно 21,8%, што е рамно на одземање „три парички“ од работникот за да му се врати само една. Ваквите барања за укинување на договорот директно ги загрозуваат и правото на К-15 во образованието, здравството и полицијата, како и јубилејните награди и веќе зголемените додатоци. Од ССМ јавно прашуваат дали крајната цел на оваа Влада е не само да не ги зголеми платите, туку на работниците да им го одземе и она што веќе со мака го заработиле.
Извор:
– Facebook страна на ССМ