Момчило Петровски Момо

2 мин. читање

Роден 1956 година во Призрен, Р. Србија. Живеел и творел во Струмица сѐ до својата прерана смрт во 1996 година. Се занимавал со скулптура и сликарство со подеднаква посветеност и творечка страст. Во текот на целиот свој краток живот е слободен уметник (во вистинската смисла на поимот „слободен”). Еден од уметниците кои по сензибилитетот и творечката експресија потсеќа на сликарите- комети, како Џексон Полок, Волфганг Волс и Модилијани. Нивните кратки животи се гориво за нивната вулканска жестока уметност. Вистински боем уметник (еден од ретките) вграден во градскиот код на Струмица.

Неговиот пријател и големиот сликар Глигор Чемерски ќе напише едно сеќавање кое го содржи во себе целото битие на Момчило. -„Во моето сеќавање, Момо остана човек на големата љубов, на восхитот и на целосната обземеност со уметноста-она што своевремено Ромен Ролан го нарекуваше „маѓепсана душа”. Говореше тивко, како да лета, правеше гестови како да лета, а најмногу леташе во сликањето. Не го слушнав никогаш да се пофали, како што обично се прави со своите вознеси. Напротив, тој зборуваше постојано за своите падови. Сега не можам а да не мислам на него освен како на единствениот струмички Икар, создаден со таква судбина и за таква приказна.

Фотографија: Момчило во ателјето во Струмица 1986 г.

Извор: Монографија „Сеќавање на една уметност“ издание на Здружението за култура Транзен, 2016 г.

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе