Струмица полека но сигурно го губи единствениот прволигашки шампион

4 мин. читање

По денешниот пораз од 3-0 ОК Струмица полека но сигурно го губи чекорот за натпреварување за трофеј со што и градот ќе остане без прволигашки шампион. Во последната објава на Facebook од клубот соопштија дека во клубот не им се потребни „загрижените родители“ и дека клубот не е хуманитарно здружение, а уште помалку место каде што некој може да води лични политики. Од клубот додаваат: За жал, синдромот на „загрижени родители“ не е нов и подолг период му нанесува штета на спортот и на развојот на младите спортисти.

Факт е дека по превирањата во раководството на клубот истиот е во надолна линија за што кажуваат и самите резултати. Прашање е и кому му одат во прилог и изјавите дека на клубот не му се потребни „загрижените родители“? Како после оваа ќе се собираат млади таленти?

Во истата објава клубот најавува голем јубилеј – 80 години постоење. Како медиум кој е целосно независен и посветен на развојот на Струмица, чувствуваме одговорност да ги анализираме овие тврдења во интерес на вистината и правилниот развој на нашите млади спортисти.

​Дали славиме 20 или 80 години?

​Традицијата е најскапоцениот имот на еден клуб, но таа мора да биде поткрепена со правен и историски континуитет. Ако сегашниот правен субјект е формиран во 2006 година, тогаш објективно оваа година би се одбележала 20-годишнина. Почитувањето кон историјата на изворниот ОК Струмица (1947) и ОК Македонија (1972) е неспорно, но прашањето е како тие децении правно се преточуваат во денешниот клуб? Постои обемна монографија за 50-годишнината на струмичката одбојка која јасно ги бележи актерите на тоа време. По повод значајниот јубилеј на одбојката во градот, новинарот Ристо Тасев ја има објавено монографијата „50 години ОК Струмица – Од земјаните терени до европските височини“. Ако секој нов клуб може едноставно да ја „преземе“ туѓата историја без формален легитимитет, тогаш секој спортски ентузијаст би можел да регистрира клуб и да се прогласи за наследник на гиганти како Реал Мадрид. Традицијата сепак заслужува малку повеќе.

​За да се отстранат сите сомнежи, јавноста заслужува одговори на неколку прашања кои произлегуваат од самото соопштение на клубот:

​Кој од актуелната управа бил дел од изворниот клуб основан во 1947 година?

​Дали раководната структура на клубот е поставена врз професионални заслуги или е резултат на блиски пријателски и семејни релации?

​Како се толкува јубилејот на ОК Македонија од пред неколку години, ако сега се тврди дека сите тие традиции се споени во еден центар?

​Спортот постои за децата, а не за конфликти.
​Во соопштението на клубот се споменуваат „опструкции од надвор“ и „инструирани лица“. Како портал кој се бори за подобра иднина на сите граѓани, апелираме внатрешните предизвици да не се префрлаат на трети страни. Најмногу загрижува фактот што млади одбојкари веќе не се дел од клубот поради овие недоразбирања. Бркањето деца или нивното заминување поради конфликти помеѓу возрасните никогаш не е решение. Клубот треба да биде инклузивно место кое обединува, а не простор за водење лични политики.

​Моја Струмица стои зад вистината и интересот на градот. Нашата намера не е да напаѓаме, туку да поттикнеме искрен дијалог. Струмичката одбојка е преголема за да дозволиме нејаснотии околу нејзиното минато и иднина. Време е за одговори кои ќе ги обединат сите спортски работници, наместо соопштенија кои создаваат раздор.

Извори:
Facebook страна на ОК Струмица