Оваа година, кога Македонија ја одбележува 25-годишнината од воениот конфликт во 2001 година, здруженијата на македонските бранители најавија дека ќе бидат поактивни во споделувањето на помалку познати факти кои досега не биле доволно афирмирани во јавноста. Како еден од клучните моменти од тој период, бранителите ја истакнуваат улогата на соседна и пријателска Бугарија, која во најкритичните мигови понуди директна помош за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на македонската држава.
Имено, пред точно две децении и половина, во месец март, кога македонската војска се соочи со загубата на тројца свои припадници, тогашниот бугарски претседател Петар Стојанов во телефонски разговор со претседателот Борис Трајковски понудил испраќање на бугарски војници како поддршка. Стојанов тогаш јасно ставил до знаење дека е подготвен да го покрене прашањето за евентуално ангажирање на бугарските вооружени сили во парламентот, доколку тоа биде побарано од страна на Македонија или од релевантните меѓународни организации. Оваа иницијатива дојде во време на исклучително напната ситуација долж границата со Косово и секојдневни борби со вооружените групи.
Покрај дипломатската подготвеност за воено сојузништво, Бугарија заедно со Украина беше еден од главните снабдувачи со оружје и воена опрема за Армијата на Република Македонија во текот на целата војна. Воената помош беше од стратешко значење, вклучувајќи десетици хаубици и вкупно 110 тенкови Т-55, кои беа активно и успешно користени од страна на македонските единици на терен. Токму поради овие историски факти, македонските бранители денес, со почит и по 25 години, ја упатуваат оваа објава како израз на искрена благодарност за братската поддршка која во тие тешки моменти беше од пресудно значење за одбраната на татковината.
Во продолжение и изјавата на поранешниот генерал на Лавовите, Горан Стојков, од интервјуто во емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов: