Автохтони раси на животни

8 мин. читање

Домашен (брдски, балкански)  коњ

Постојат два типа од оваа раса. Едниот е поголем, а другиот е помал(ридско-брдскиот). Продукт е на условите во кои се одгледува и негува-создаден е со природна селекција.

Мал коњ, но доста издржлив и скромен во исхраната. Може да понесе товар и над 50% од неговата тежина.

Во гените на овој коњ има доста Арапска крв. Висина на гребенот му е 130-132 см, машки единки до 135см. Опфатот на предната цеваница му е 17см. Има сразмерно голема глава, најчесто рамна, ретко вдлабната профилна линија. Длабината  на градите му е 59-60см, опфат на гради му е 150 см. Највпечатлива карактеристика  е генетскиот икс(х)- став на задните нози за поголема стабилност. Има доста јаки и цврсти нози, силни тетиви и зглобови, мали копита.

Доцностасен е, потполна зрелост достига на 6 години. Исто една од карактеристиките што го одвојува од другите раси е тоа што има подолга бременост(353 дена). Се употребувал во домаќинствата и бил доста посакуван поради неговата издржливост.

Македонска автохтона кокошка – Камењарка

Прародителите  на оваа раса,на овие простори се донесени пред околу 2000 години пред Христа, тие потекнувале од  југоисточните делови на Азија. Денес сите доместифицирани раси на кокошки во светот се претпоставува дека потекнуваат од 4 диви односно примитивни раси на кокошки од Азиските џунгли.

Претставниците на оваа автохотна  раса на кокошка, поточно кокошките и петлите се со средна големина и елегантна градба на трупот,која  ја дефинираат како долната така и горната  општа линија на птицата – анализирано од профил.

Припадниците на оваа раса се:брзи,претпазливи и недоверливи, во голема мера знаат сами да се грижат за себе под отворено небо. Омилени преноќишта им се  високите дрвја со густа крошна. Тие се издржливи и отпорни на поголем број болести специфични за другите раси. Максимална тежина кај машките единки е 2,5кг, додека кај женските единки е до 2 кг. 

Интересен факт е тоа што  петлите  се многу ефикасни при ништење на змии и гуштери на имотот каде што живеат, а кокошките не кодкодакаат долго време после несењето јајце – поради тоа што не сакаат да бидат откриени местата на нивните гнезда.

Како квачки се одлични, може да инкубираат максимално 15 јајца, 12 е идеална бројка. Припадниците од оваа раса  често се капат во прашина со цел да елиминираат дел од егзопаразитите на нивните пердуви и кожа.

Овца праменка

Праменка е поим кој означува примитивна овца, со слаби физиолошки својства, која  настанала во оскудни услови на храна и нега. Многу е отпорна и издржлива. Праменката некогаш  е била раширена по цела Европа. Во тек на летниот период  цело време поминува на планинските пасишта. Зимно време е во шталите. 

Нозете им се многу јаки со многу јаки коски, папците исто им се многу цврсти и се прикладни за долги пешачења и терени.

Праменката е овца со комбинирани производни својства(месо-млеко-волна). Производството на овчо и јагнешко месо  е доста скромна, во зависност од нивото на исхрана. Жива мера  на овците  е помеѓу 25 и 55кг, а на овните помеѓу 35 и 80кг.

Производството на млеко е релативно мало (варира од 40 до 100 литра па и повеќе во тек на лактација од 6 месеци). Тежината на руното во просек изнесува 1,4 кг.

Плодноста на праменката е релативно  добра. Од 100 објагнени овци во просек се добива 100-110 јагниња. Јагнињата се доста отпорни, а морталитетот е доста низок.

Домашна балканска коза

Домашната балканска коза претставува типичен пример на примитивна  раса со слаби производни особини. Најмногу е распространета во Југоисточниот планински регион на Македонија. Просечната висина на гребенот изнесува 65см, а масата е од 30 кг кај козите, до 40 кг кај прчовите.

Јарците имаат јаки и добро развиени рогови, додека кај козите роговите се помали (сабјесто-поставени).

Домашната балканска коза е касностасна, првото јарење го има дури после две години, и најчесто имат од 1 до 2 јариња.

Лактацијата трае 7-8 месеци, млечноста е од 200 до 250 литри по лактација. Се карактеризира со голема издржливост, скромност и прилагодливост.

Крава буша

По раст е мала, со краки рогови и се смета дека постои уште од неолитско време. Со текот на времето започнало вкрстувањето  на Бушата со други видови на крави и денеска е многу тешко  да се најде чиста раса. Во зависност од тоа од кој предел потекнува кравата, истата има различна боја. Буша од Македонија е во плаво-сиви нијанси, додека Буша од регионот Метохија е во црвеникави нијанси.

Телото им е со висина нешто повеќе од  еден метар и тежина помеѓу 230 и 270 килограми. Машките единки се малку повисоки и нивната тежина изнесува од 340 до 430 килограми. Бидејќи претставува вид кој што живее на нашите простори од многу одамна и е целосно приспособена на нашите услови. Бушата е отпорна на болести и паразити и може да преживее со минимална посветеност, слаба исхрана и природно пасење.

Може да произведе до 1400 литра на млеко во период од 240-280 дена(лактациски период).

Куче Шарпланинец

За неговото потекло постојат повеќе хипотези. Една од нив кажува  дека со миграцијата  на народот од Азија во Европа и на Балканскиот Полуостров, заедно со стоката било донесено и ова куче. Во својот основен тип денес се задржал  само во оние подрачја каде овчарството се уште е екстензивно застапено, при што шарпланинецот служи како овчар и чувар на стадото од дивите зверови.

Шарпланинецот е силен, складно граден,покриен со долго, густо, право  и доста грубо влакно што оддава впечаток на збиена градба на телото. Има јака конституција, мирен темперамент. Главата му е сразмерна на телото; отстрана гледана, има испакната профилна линија во делот на челото, а носот е рамен. Ушите се клапнати и во форма на буквата  V, средно долги покриени со густо и кусо влакно. Обемот на градниот кош е намјалку 20% поголем од височината на гребенот. Широчината на градниот кош му овозможува, при борба со дивите зверови(волци), лесно да ги соборува и на тој начин да ги совладува. Целата опашка има сабјеста форма. Предните и задните нозе имаат правилни ставови.

Мажјаците се повисоки од 62 см, додека женките повеќе од 58см. Тежината кај мажјаците изнесува над 45 кг, а кај женките над 35кг.

Автор:
Има дипломирано на факултетот за ветеринарна медицина на универзитетот св. Кирил… повеќе