Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава против седум лица од градот поради сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина со отпад“ од член 230 од Кривичниот законик.
Кривичната пријава, поднесена до Основното јавно обвинителство Струмица, ги опфаќа лицата А.Ш. (43), Е.Д. (28), К.И. (19), Е.И. (44), А.Ј. (27), А.Д. (31) и Ф.К. (18), сите од Струмица.
Според наводите во пријавата, седумте лица неовластено тргувале со отпад. Нивната активност се состоела од откуп на отпадни метални предмети и хаварисани возила од физички лица. Потоа вршеле механичко одвојување, сортирање на делови и екстракција на метали.
Обработениот отпад потоа бил продаван по повисока цена кај регистрирани отпади или кај првопријавениот А.Ш., со цел остварување материјална корист.
Пријавениот А.Ш. (43) се товари и за складирање на отпадни работи во непосредна близина на неговото живеалиште во Струмица. Тој ги организирал останатите пријавени лица да вршат откуп на отпадни метални работи од трети лица и да му ги продаваат нему.
За оваа цел, А.Ш. им давал возила за товарење и носење на отпадот. Останатите лица, за негови потреби, вршеле и транспорт на веќе одвоените и сортирани метални предмети до овластени отпади, за што добивале паричен надомест.
Случајот е предаден во надлежност на Основното јавно обвинителство Струмица за понатамошно постапување.
Извор:
– Facebook страната на МВР