Истражувајќи за потребите на монографијата „Сто години струмичка ликовна уметност“ посебен предизвик беше откривањето и соочувањето со уметноста на ликовниот уметник Атанас Мучев. И после толку години од неговата прерана смрт, неговото творештво уште не ја добива заслужената потврда и валоризација како еден од пионерите на Македонската поствоена ликовна сцена.
Атанас Мучев е роден на 10 мај 1917 година во село Иловица – Струмичко. Рано останал без родителите, на една година ја губи мајката, а на шест годишна и таткото. Во родното село го завршува основното образование. 1930 година образованието го продолжува во Штип, на Државната гимназија каде се запознава со професорот и академскиот сликар Богдан Бакич кој ќе изврши пресудно влијание врз младиот Атанас и неговата определба цврста за сликарството. Годината 1934 – 35 година се запишува на „Кралската уметничка школа“ во Белград. Во услови на тешка социјална и егзистенцијална состојба (растоварал јаглен на железниците и други тешки физички работи за да преживее), Атанас Мучев тешко ги преживува овие Белградски години. Продолжува со воениот рок во Шабац каде го затекнува Втората светска војна. 1941 година по краткото заробеништво, се враќа во Струмица. Назначен е за наставник во Штипската гимназија каде останува до 1945 година. Кон крајот на септември истата година, склучува брак со Мара Димитрова Бујуклиева. Во 1946 година станува наставник во гимназијата во Струмица сѐ до 1959 година кога почнува да предава ликовно воспитување во училиштето Сандо Масев, до својата смрт на 04. 07. 1962 година. Посветува огромно внимание и енергија на педагошката дејност, a некои од неговите ученици ќе станат врвни професионални ликовни уметници.
1972 година, Меѓународната ликовна колонија – Струмица ќе ја организира неговата прва ретроспективна изложба, по повод десет години од неговата смрт. 2016 година, Здружението за култура Транзен ја организира монографско-меморијалната изложба „Сеќавање на една уметност“ во Галеријата на музеј Струмица, во која се изложени за првпат негови дела на хартии, акварели, цртежи и скици. Во 2021 година, во склоп на изложбата „Сто години ликовна уметност – Струмица“ , (организација на Транзен и манифестацијата Струмица- град на култура) делата на Атанас Мучев ќе бидат изложени во новоотворената галерија на плоштадот во Струмица.
Од зачуваното творештво на уметникот, сакам да се осврнеме на портретите на Атанас Мучев, како посебна целина од неговото скромно преостанато творештво. Ги пронајдов портретите нагризени од влагата на минливоста. Исчезливоста ги досликала неговите слики, уште повеќе ги растопила и сфуматирала контурите на цртежот и боите, за да ги преобрази во една нова слика. Затоа што делата на големите мајстори патинираат, не руинираат, се преобразуваат во дела кои во себе го втиснале печатот на историјата, но и на духовниот свет. Чудесни акварели кои со својата прозрачност продираат низ целото битие на моделот. Замаглени очи. Тажни погледи на непознати луѓе. Старец, портретот на анонимната жена, човекот со црн шешир… Кој може поубедливо да посведочи за постоењето на овие луѓе од акварелите на овој голем мајстор?!
Многу е значајно сеќавањето на уште една легенда на сликарството, струмичкиот уметник Стојан Пачоов, ученикот на Мучев, кој ќе се присети и ќе запише нешто кое големиот сликар и учител постојано го повторувал: „Дали живееш за да јадеш или јадеш за да живееш?!“ Или неговата често повторувана формула: „Во едно дело – ситницата го создава совршенството“.
Атанас Мучев, основоположникот на современата ликовна сцена во Струмица и во Македонија е уметник чие дело вреди и треба да биде трајно изложено во една од постојаните поставки на нашите институции од културата. Да се сеќаваме на нашите големи предци!





