Се одржа конференција за аерозагадувањето, организирана од општината. Воден од пркост, решив да присуствувам. Не затоа што навистина негувам надеж дека со новата локална власт ќе се појават и нови, искрени намери за решавање на проблемот, туку за од прва рака да го видам тој маскенбал — како со леснотија се глуми загриженост и наводна ангажираност за нашите животи и нашето здравје.
Очекувано, по инерција и „во наследство“, продолжи проповедањето на стариот наратив дека домаќинствата се главниот извор на загадувањето. На тоа реагирав и јасно потенцирав дека играта што ја играат е опасна. Дека зад параванот „домаќинствата како главен загадувач“ всушност се кријат туѓи интереси и крупен криминал. Ова не е само погрешно — ова е опасно. Со вакви изјави, локалната власт свесно го одвлекува вниманието од вистинските извори на загадување.
Сите знаеме од кој дел на градот доаѓа најгустата и најтоксична магла. Сите ја чувствуваме. Сите ја дишеме. И покрај тоа, продолжија со истата мантра за домаќинствата, додека со половина уста, од време на време, се провлекуваа зборовите „индустрија“ и „загадување“.
Наместо вистински мерки, повторно гледаме козметички ПР-потези, без храброст јавно да се посочат конкретните виновници кои со години ги трујат струмичани — и ја трујат целата котлина.
Очигледно е дека нив не ги интересира овој проблем. Очигледно е дека приоритет им се личните интереси и профитот. Но се обидувам да ги разберам оние кои немаат никаква корист од сето ова, а сепак избираат да молчат. Каква корист може да биде над сопствениот живот и здравје? Каква корист може да се стави над животот и здравјето на нашите најмили — на нашите деца?
Беден, несреќен и обезумен народе — потонат во злото и слеп за сопственото добро. Гледате како пред очи ви го одземаат најскапото: здравјето и животите на вашите деца. Живеете како ништо повеќе да не е ваше. Како веќе да сметате за голема среќа ако ви остават само половина од здравјето, половина од семејството, половина од животот.
