Општина Струмица и официјално го означи стартот на еден од најважните процеси за иднината на локалната заедница – подготовката на новата Стратегија за локален економски развој, која ќе ги трасира развојните патеки во периодот од 2027 до 2031 година. Во фокусот на овој посебен стратегиски документ е инклузивноста, односно желбата на локалната самоуправа директно да ги вклучи сите општествени чинители во дефинирањето на идните приоритети.
Со цел да се добие реална и сеопфатна слика за состојбите на терен, на официјалната веб-страница на Општина Струмица е објавен анкетен прашалник за изработка на SWOT анализа. Преку овој прашалник, граѓаните, бизнис заедницата, невладините организации, како и претставниците од јавниот сектор, имаат директна можност да ги посочат силните и слабите страни на локалната економија, но и да ги детектираат потенцијалните можности и предизвици.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека анкетата е целосно анонимна и дека сите прибрани податоци ќе се користат исклучиво за потребите на изработката на Стратегијата. Претставниците на општината упатија отворен повик до целата јавност активно да се вклучи во пополнувањето на прашалникот, нагласувајќи дека секој индивидуален придонес е од исклучително значење за креирање одржлив и моќен локален економски развој. Прашалникот е веќе достапен за пополнување на официјалниот општински портал.