Илија Илиев – Струмјан: Автор на книгата за отец Атанас која влезе во Ватиканската библиотека

12 мин. читање

Насловот „Дедо поп“ носи и лична и историска тежина. Што ве поттикна да ја напишете оваа книга за вашиот предок Атанас Иванов и кога сфативте дека неговата приказна треба да биде зачувана и за идните генерации?

  • Отсекогаш слушав за мојот прадедо кого, за жал, не го паметам: сум имал три години кога тој починал. Дома во куќата на баба ми Параскева, неговата најмала ќерка, стоеше негов портрет, впечатлив поглед на старец со бела брада кој многу ме потсетуваше на приказите за дедо Боже. Го знаев како дедо поп. И подоцна во разговори со луѓе вон семејството секогаш за него го користеа изразот „дедо поп“. Не само заради изгледот туку и заради тоа што им бил мил на луѓето и, колку што слушав, им помагал кога можел и зависело од него. Кога решив дека неговата приказна треба да биде запишана знаев дека насловот мора да биде „Дедо поп“ едноставно така живеел до крајот и така останал во меморијата на луѓето кои имале прилика да го познаваат. А се надевам таков ќе го запознаат и оние кои ќе ја читаат книгата.

Вашиот парадедо живеел во време на големи историски превирања и со верниците го напуштил родниот крај. Што откривте за неговиот животен пат и за силата што му помогнала да продолжи со својата духовна мисија и покрај тешкотиите?

  • Тој потекнува од селото Алексово во Кукушката околија. Подоцна, кога станува свештеник, прво раководи со црквата во, може да се рече, соседното село Лелово. Но доаѓа кобната 1913 година и палењето на Кукуш и сите села во тој регион. Според некои записи во тие трагични денови има 104360 бежанци. Тука сигурно има и многу кои не се пребројани и којзнае колку починати. Тој и неговите верници пешачеле десет дена до првото посериозно засолниште во Софија. По пат ги стигнала колерата од која како што самиот дедо поп вели во еден запис „само во еден ден погребав 15 мртви од колера, не сметајќи ги оние што ги погребаа другите свештеници.“ Но тие измачени луѓе околу него имале потреба од Бог, од Божја помош. Тука верувам дека ја нашол силата да продолжи со ширење на Божјата реч.

Атанас Иванов е поврзан со основањето и развојот на католичката заедница во Струмица, како и со изградбата на катедралата „Успение на Пресвета Богородица“. Што откривте за неговиот конкретен придонес и за пречките со кои се соочувал во тоа време?

  • Поради големиот наплив на бежанци, како што запишал самиот дедо поп, „Државната власт во март 1914 издаде наредба сите бегалци кои се наоѓаат во Софија да се определат за враќање или во Македонија или во Тракија. Ние Македонците се одлучивме за Македонија.“ Тука најпрво се населиле во струмичкото село Нова Маала каде ја основал црквата „Успение на Пресвета Богородица“. На почетокот на 1923 година се преселил во Струмица каде почнал да собира средства и заедно со четириесеттина верници, ги удира темелите на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Црквата во Струмица ја завршиле почетокот на 1925 година. Додека траела изградбата, во која активно учествувал и како работник, прилагодил една соба во својата куќа каде ги вршел црковните обреди. Таа црквичка изродена од идеја и, може да се рече, инает на таа мала група верници и нивниот свештеник, подоцна израснала во катедрална црква за католиците од источен обред во Македонија, каква што ние денес ја гледаме. Пречки имало од сите страни Бугарите го обвинувале за соработка со Србите, Србите го обвинувале за соработка со Бугарите. Сите имале нешто против таа мала заедница. Често бил приведуван. Тоа продолжило и во првите години по ослободувањето. Може да се каже дека дури некаде по 1954 година дошол многу помирен период за црквата и за, тогаш веќе седумдесет и седум годишниот, дедо поп.

Колку беше тешко да се реконструира животот на човек што живеел пред повеќе генерации? На кои документи, архиви и семејни сведоштва се потпиравте за да ја составите неговата животна приказна?

  • Прво тука беа раскажувањата од постарите членови на семејството. Потоа разговарав и со свештениците кои го познавале или го знаат неговото дело. Од голема помош ми беа и неколку црковни книги во кои имаше записи напишани лично од дедо поп. Имаше и многу други книги од кои добивав слика за околностите во кои живеел и работел дедо поп. Ми помогна и архивата на Ватикан и на француската католичка црква кои на своите интернет страници имаат многу достапни документи и записи од тоа време. Знаев што сакам да опишам, знаев што сакам да прикажам. Малку ми е жал што не сум ја направил книгата порано, но беше моја мала победа кога ја објавив.

Книгата „Дедо поп“ стигна до Ватикан. Како се случи тоа и какво значење има овој момент за вас како автор, но и за зачувувањето на историското наследство на Струмица?

  • Јас ниту сум бил ниту познавам некого во Ватикан. Додека собирав материјали преку електронска пошта им барав податоци а тие беа доволно културни да ми одговорат и да ми помогнат. Кога излезе книгата од печат мене ми беше логично да им понудам примероци за во нивната библиотека бидејќи дедо поп го посветил животот на црквата, за што е и првиот од Струмица награден со престижната титула монсињор. Тие веднаш ми одговорија дека треба да им пратам примероци и ми дадоа адреса каде треба да ги испратам. По десеттина дена ме известија дека примероците уредно пристигнале во Ватиканската библиотека. Тоа е можеби и најголемата библиотека во светот и се надевам дека и таму барем еден човек во иднината ќе се заинтересира да дознае за тешкиот пат да се стигне до денешната катедрала во Струмица. Иако книгата е на македонски јазик веќе со денешната технологија може секој да ја прочита.

Додека ја пишувавте книгата, дали откривте нешто за вашиот парадедо што ве изненади или ве натера поинаку да гледате на него? Кој момент од неговиот живот најдлабоко ве допре?

  • Собраните материјали, искази и записи само ми ја потврдија сликата за дедо поп како човек кој се грижи за своето стадо. Беше убаво изненадување кога од еден негов запис дознавме како се викале неговите родители, тој податок некако беше изгубен во семејните приказни. Одлуката после впечатлив сон да се посвети на верата ми е блиска и заради тоа што и јас во младоста донесов одлука после еден сон и верувам дека таа одлука ми го спаси животот. Но најголем впечаток ми остави кажувањето на отец Георги Трајков: „Дедо поп беше многу скромен човек, он како монсињор имаше право да носи виолетов појас но никогаш не го стави на себе, освен на денот на доделувањето. Си остана ист онаков поп како што бил секогаш.“ Таа едноставност сакам да ја живеам.

Дали сметате дека денес доволно се знае за улогата на католичката заедница во историјата на Струмица и за луѓето што го граделе нејзиниот духовен и културен идентитет? Што би сакале оваа книга да промени во нашето разбирање на локалната историја?

  • Кобното уништување на Кукуш и околината во 1913 година ја изродило денешната голема католичка зедница во Струмица и нејзината околина. Но колку се знае за нивната улога не би знаел да кажам. Некои личности се запоставени, некои самите одбрале да бидат „невидливи“ а всушност не е ни важно од која заедница си, важно е да направиш барем нешто малку за опстојувањето на Струмица и воопшто светот – кој колку може. Или барем немој да одмагаш. Инаку мислам дека имаме многу пропуштено за искористувањето на католичкото присуство тука. Во книгата го имам опфатено тој момент кога на македонскиот народ сите му го наметнуваат своето, а само француската католичка мисија во Солун им понудила литургија на народниот јазик и задржување на традицијата. Веројатно имале и тие некои интереси но другите само грабале не нудејќи ништо. Можеби идејата била да се оформи посебна држава Македонија преку која Франција ќе има влијание на Балканот и над важното солунско пристаниште. Не знам, но интересно беше што од документите излегува дека британската и руската страна работеле заедно против тоа. Можеби ќе имала поинаков тек историјата. Или еве да не одиме толку далеку, на 11 јануари 2001 година папата Иван Павле II, во Ватикан го потпишал Декретот за воспоставување Апостолски егзархат, за католиците со источен обред во Македонија. Значи Македонија без никакви придавики, додавки и слично. И мене лично ми пречи што нашите политичари тоа не го користеа како аргумент барем кај католичките земји дека ако нивниот духовен водач нѐ нарекува Македонија, тогаш не треба тие да нѐ нарекуваат поинаку.

За жал тука често се поттикнува омразата кон католицизмот како едно од дежурните зла зошто нели секогаш некој друг мора да ни е крив иако, да го парафразирам Гоце „најголемо зло за нас сме самите ние“. Се надевам дека во книгата прикажав како и католиците се бореле за нашата Македонија.

Кога еден човек остава трага што ја паметат неговите потомци, а неговото дело станува дел од историјата на еден град, што всушност останува зад него? Која е најважната порака што сакате читателите да ја понесат од книгата „Дедо поп“?

  • Па еве од упорноста на дедо поп и групата верници кои го поддржале денес во Струмица имаме катедрала. Во католичкиот свет нема повисоко ниво за една црква. И можеби човекот Атанас Иванов ќе биде заборавен, ама неговото дело е тешко да не се забележи. И верувам дека скоро секое семејство си има свој „дедо поп“, некој кој оставил нешто за паметење. Колку и да се чини ситно тоа нешто, би сакал книгата да ги поттикне читателите да напишат и тие нешто, да остават запис заради своите наследници, заради иднината. Оти само ако оставиме записи може да се надеваме дека ќе нѐ има во таа иднина.

Линк до книгата