На 89-годишна возраст почина професорот и поранешен декан на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“, Никола Петров. Тој е основоположник на македонската предучилишна педагогија, а генерации ученици во Македонија израснаа со списанијата за деца што ги покрена професорот Петров.
Професорот Петров имал значајна улога во воспоставувањето и во развојот на македонското издаваштво и литературата за деца. Бил долгогодишен соработник на издавачката куќа „Просветно дело“ и главен уредник на истоименото педагошко научно-стручно списание.
За својот животен опус и исклучителен придонес во науката и образованието, професорот Петров е добитник на највисоките државни и општествени признанија, меѓу кои и наградите „11 Октомври“, „13 Ноември“ и „Св. Климент Охридски“.
Никола Петров е роден во Колешино, Струмичко, во 1937 година. По дипломирањето на Учителската школа и педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1959 г., Петров специјалистичките студии ги завршил во Русија, а докторската дисертација ја одбранил во Белград. Во текот на плодната кариера тој бил раководител на Институтот за педагогија, декан на Педагошкиот факултет во Скопје и еден од клучните луѓе за развојот и афирмацијата на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).