Приватизација без правен систем или рецепт за грабеж

3 мин. читање

Колумна на Проф. д-р Дејан Трајковски

Идејата на Милтон Фридман, основоположникот на Чикашката школа за економија, дека приватизацијата и слободниот пазар се најефикасниот мотор на секоја економија, со децении служеше како главен модел за трансформација преку приватизација на поранешните социјалистички економии. Сепак, во подоцнежните години од својот живот, набљудувајќи го колапсот и грабежот во постсоцијалистичките транзициски земји, самиот Фридман признал дека неговата позната формула за итна приватизација била погрешно имплементирана без нејзиниот најважен предуслов, а тоа е владеењето на правото. Тој јасно порача дека не може да се воведува капитализам во општество кое нема правен систем, независни судови и широка општествена согласност за почитување на законите, бидејќи во отсуство на право, пазарот се претвора во бескрупулозен грабеж.

Најбрутална потврда за оваа задоцнета мудрост на Фридман е токму македонскиот пример на дива приватизација во деведесеттите години. Наместо транспарентна пазарна конкуренција, отсуството на суштински функционална правна држава овозможи инсајдерско преземање на општествениот капитал, каде што поранешните директори со поддршка на политичките врхушки преку лажни стечаи, фиктивни долгови и обврзници без покритие ги присвоија највредните индустриски капацитети. Во постсоцијалистичка Македонија, каде што законите беа само мртво слово на хартија, фабриките беа намерно пустошени, обезвреднувани и распарчувани за да се продадат во бесцение нивните хали, опрема и атрактивно градежно земјиште, додека стотина илјади работници беа избркани на улица, без никакви изгледи за иднина. Луѓето кои со децении ги градеа тие индустриски гиганти беа третирани како обично ѓубре од страна на новите самопрогласени газди и директори, кои во скапи костуми и луксузни лимузини бесрамно парадираа во грабнатите фабрики создадени од нивните раце. Додека тие градеа нови империи врз туѓата пот, вистинските создавачи на нивниот капитал останаа понижени, без работа и без елементарно човечко достоинство.

Македонската транзиција сурово ни покажа дека штом државата ќе ја напушти својата улога на непристрасен чувар на правилата и ќе стане само алатка во рацете на грабливците, приватизацијата престанува да биде економска реформа и се претвора во легализиран грабеж на националното богатство. Катастрофалните демографски последици, највидливи преку масовното иселување и опустошените градови и села, општеството скапо ги плаќа и денес.

Најтрагично е што на политичките партии сè уште им одговара ваквиот правен и институционален хаос за да го зачуваат својот монопол врз моќта и ресурсите, додека граѓаните, не сфаќајќи каде всушност лежи коренот на нивната беда, упорно гласаат за истите партии кои го одржуваат овој дефектен систем во функција.