Македонскиот планинар, кардиолог и професор д-р Сашко Кедев доби официјално признание од Гинисовата книга на рекорди за две историски алпинистички достигнувања: стана најстариот човек во светот кој ги искачил сите 14 врвови над 8.000 метри и го комплетираше престижниот „Гренд дабл“ (спој на 14-те осумилјадници и највисоките врвови на сите седум континенти).
Својот поход д-р Кедев го започна со освојувањето на Монт Еверест во мај 2009 година. Откако во 2011 година ги комплетираше највисоките врвови на седумте континенти, круната на кариерата ја постигна на 20 јули 2025 година. Тогаш, на возраст од 63 години и 14 дена, тој се искачи на Гашербрум I (8.080 м) во Пакистан, станувајќи првиот Македонец кој ги остварил двата предизвика.
За овој децениски успех низ Хималаите и Каракорум, јавни честитки до д-р Кедев и македонската планинарска заедница упати и реномираниот портал „Еверест тудеј“.
Извор:
– Facebook страна Everest Today