Еден голем историчар напишал: „Цивилизациите не умираат од убиство, туку од самоубиство.“
Кога во едно општество, најдобрите кадри се заменуваат со најпослушните, општеството постепено ја губи способноста за развој. Затоа големите политиколози и научници отсекогаш сметале дека професионалните, независни и стручни институции се еден од темелите на успешната држава.
Страв и полтронство, корупција и непотизам, иселување и повлекување на квалитетните луѓе од системот. Страв и мрежа во која полесно се создаваат врски на меѓусебни услуги и вработувања „по протекција“, отколку селекција и наградување на најдобрите. Пајажина од причини и последици во која се наградуваат само покорните на партијата. Одржување на мочуриштето и философијата на паланката.
Партизираните директори во институциите се дефинитивно еден од најголемите проблеми во Македонија, бидејќи лојалноста кон партијата се става пред стручноста и јавниот интерес. Ова не е проблем поврзан само со една власт, една партија, туку е појава длабоко навлезена во организмот на општеството која го нагризува како болест. Самата држава станала гнездо за подземни организации формирани заради финансиски интерес и политички влијанија, кои надвор се навидум видливи, а под кората на дрвото како црви ја нагризуваат срцевината на системот. За таа долготрајна болест, само формално меѓусебно се обвинуваат различни политички партии со децении. Главните штети на партизираните директори и менаџери во институциите се пострашни од надворешниот изглед на ситуацијата. Нивната штета се шири кон иднината на многу генерации.
Во теорија, нашето општество е демократско и тоа се реализира преку слободни избори на кои граѓаните го изразуваат своето мислење. Но, дали е тоа така во пракса? Дали граѓаните се слободни да изберат или наместо нивната волја, избира стравот и зависноста од корумпираниот партиски систем?
Прво доаѓа губењето доверба во државата, затоа што граѓаните почнуваат да ги доживуваат институциите како продолжена рака на партиите, а не како сервис на сите. Системот станал дувло на коруптивната моќ на партијата. Во таквите општества сектите се групираат и стануваат помоќни од законите и Уставот. Овие секти кои се еден вид коктел од снаодливи Итарпејовци, се вгнездуваат во системот и оттаму се наметнуваат врз функционалноста на секојдневниот живот на граѓаните. Нивни патрони стануваат сериозните институции како Судот, Обвинителството, Црквата, Полицијата, Социјалните служби… Надворешните манифестации и стремежи како – „пат кон Европските уредувања и интеграции“ се само параван за нивната бесконечна лакомост и вампиризам.
Негативна селекција во која способни и искусни луѓе се потиснуваат, а напредуваат партиски и потпросечни лојални кадри, ја изеде земјата до коска. Оттаму се створија неефикасните институции кои не сакаат или не можат повеќе да му се спротистават на тој парасвет, параопштество. Но, најстрашна и најпогубна ситуација е онаа во која граѓанинот веќе ја прифатил како неизбежна и сосема природна ситуацијата во која владее најнеквалитетниот, најдрскиот и најбезобразниот во општеството. Можеби на крајот највистинита ќе излезе народната констатација дека – Секоја држава си има мафија, а нашата мафија си има своја држава?