Комисијата за општествени дејности при Советот на општина Струмица го распиша Конкурсот за доделување на Годишната награда и Наградата за животно дело „Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“. Признанијата се доделуваат на физички и правни лица, како и на меѓународни организации и асоцијации за посебни остварувања и придонес во развојот и афирмацијата на Струмица во областа на стопанството, науката, културата, образованието, спортот, здравството, животната средина и други сфери. Годишната награда се однесува на успеси реализирани во изминатата година, додека наградата за животно дело е за достигнувања во период подолг од десет години.
Право да предлагаат кандидати имаат организации, заедници и граѓани-поединци, а предлозите во шест печатени примероци се доставуваат лично во општинската архива или по пошта на адреса ул. „Сандо Масев“ бр. 1, Струмица, со назнака за која награда се однесуваат. Конкурсот е отворен заклучно до 26 ноември 2026 година, а потребниот формулар и сите дополнителни информации можат да се подигнат во архивата или на официјалната веб-страница на Општина Струмица (strumica.gov.mk).
Извор:
– Web страна на Општина Струмица