Се приближуваме кон крајот на првиот дел од епската песна Ехо. Се стишува музиката и од најдлабоките бездни почнуваат да се слушаат крици. Гракаат гавраните и навестуваат дека слушателот не е повеќе во овој свет, не е од оваа страна, туку се префрла во некаква друга димензија. Адот? Некаква мрачна и длабока шума? Дали се отворило подземјето и светот на мртвите? Со Echoes Пинк Флојд речиси целосно ја напуштија традиционалната структура на рок-песната и создадоа звучен свет што потсетува на некаков поинаков универзум.
Музиката на Флојд не секогаш започнува со инструмент. Таа може да започне со ветер, дожд, чекори, машини, часовници, птици, зуење на инсект, лаеж на кучиња или грофтање на свињите.
Пинк Флојд ја прошируваат границата меѓу музиката и животот. Наместо да го претворат природниот звук во обична придружба на композицијата, тие му дозволуваат да биде дел од нејзината структура. Така, слушателот повеќе не е само дел од инструментализацијата. Тој се наоѓа во некој свет, многу сличен на светот од соништата.
Птиците се присутни во музиката на Пинк Флојд. Птиците во нивните песни можат да се протолкуваат на неколку начини. Како гласници на изгубениот рај во песната Cirrus Minor. Како предвесници на некаква апокалипса во песните Echoes и Goodbye Blue Sky. Како спокоен и мирен селски живот во природа во песната Grantchester Meadows, како носталгија и тага по детството во High Hopes и Remember a Day. Птиците се спротиставуваат на индустрискиот звук. Во песните на Пинк Флојд постојано се појавуваат теми како отуѓувањето, војната, времето кое неповратно одминува, лудилото, парите, општествените механизми и човекот заробен во сопствените конструкции.
На едната страна го имаме природниот свет: птиците, реката, ветерот, тишината. На другата страна се машините, авионите, часовниците, индустриските крици и механичкото повторување. Оваа спротивставеност е силна нишка во нивната звучна естетика.
Птиците во музиката на Флојд не се само звук од природата залепен врз песните во студиото како фон на песните. Тие се философија. Тие се некаков глас на светот што постоел пред човекот, глас на слободата што човекот ја изгубил, на природата што постои паралелно од човечката еволуција.

Кога ќе ги слушнеме птиците во нивните песни се чини дека влегуваме во некаков сон. Во High Hopes птиците се далечниот глас на изгубениот роден крај. Сонот не е секогаш мирен. Понекогаш е носталгичен, понекогаш вознемирувачки, а понекогаш носи застрашувачки пораки. Звукот на птиците се како некакво сознание дека убавината на светот и човечкото зло можат да постојат во ист момент.
Cirrus Minor е композиција од албумот More од 1969 година и е една од најмистичните звучни творби на раниот Пинк Флојд. Таа започнува со звуци на птици од градината, а гласот на Дејвид Гилмор се појавува од самата градина, како нераскинлив дел од пејзажот. Музиката е бавна, медитативна и меланхолична, речиси бестелесна. Ја нема вообичаената рок енергија, нема потреба од кулминација. Како да сме се разбудиле во свет во кој времето престанало да тече. Песната не се обидува да објасни ништо. Нејзиното постоење е доволно, атмосферата која ја создава е конечна состојба на духот.
Птиците создаваат чувство дека сме на границата меѓу будноста и сонот, меѓу стварноста и некое заборавено сеќавање. Има нешто речиси метафизичко во нивното присуство: човекот пее за својата осаменост, додека природата околу него продолжува да го живее сопствениот живот.
Птиците во Grantchester Meadows се сеќавање. Сеќавање на некое место, на еден начин на постоење што современиот човек го изгуби. Песната се наоѓа на албумот Ummagumma од 1969 година. Таа е речиси целосно акустична, со гласот на Роџер Вотерс. Над музиката постојано се слуша песната на птиците, а во еден момент и звукот на птица што полетува од водата. Звуците се внимателно распоредени во стереопросторот, создавајќи чувство дека не го слушаме само пределот туку навистина се наоѓаме во него.
Фасцинира во оваа композиција птичјиот, како контраст со човечкиот глас, а можеби и дијалог. Интересно е и тоа што птиците во Cirrus Minor не биле снимени специјално за песната од членовите на групата. Употребени се претходно снимени звучни ефекти од библиотеката на EMI. Слични природни звуци се појавуваат и во Grantchester Meadows.
Но, во Goodbye Blue Sky, од албумот Ѕидот од 1979 година, птицата е предвесник на нешто страшно. На почетокот слушаме птица како пее во спокоен сончев мирен ден. Потоа се појавува звукот на авиони што се приближуваат, а детскиот глас го забележува авионот на небото. Доаѓаат бомбардерите и војната.
Ова е еден од најсилните звучни контрасти во творештвото на Пинк Флојд. Птицата не знае дека доаѓаат бомбардери. Таа продолжува да пее. А човекот, со својот разум и технолошка супериорност е способен да го претвори небото од простор на слободата во простор на смртта. Сината боја на небото станува темно сива.
Насловот Goodbye Blue Sky може да се прочита како збогување со едно детство во кое светот сè уште изгледа безбеден. Во анимацијата за филмот „Ѕидот“, птицата полетува кон небото и се преобразува во челичен змеј на смртта.

Зошто Пинк Флојд постојано се враќаат кон птиците?
Тука доаѓаме до суштинското прашање. Дали станува збор за свесна философска симболика или за нивната музичка чувствителност кон звуците од природата во детството?
Во еден разговор од 1972 година, клавијатуристот Риџард Рајт, зборувајќи за користењето звуци на птици, одговорил дека ги употребуваат затоа што им се допаѓаат. Птицата што пее создава музика, објаснил тој, а многу работи од секојдневниот живот се музика, всушност, сè што е пријатно за слухот. Притоа, додал дека на една таква хармонија не мора да се бара премногу скриено значење. Пинк Флојд се поклонуваат пред недопрената природа.
