Здружението за култура Транзен на 3 ноември со почеток во 20:00 часот во Галерија Метаноја–Скопје, по деветти пат ќе ја реализира ликовната изложба ,,Несовршен простор”. Темата на овогодишната изложба е СРЕДБА ВО ПЕЈЗАЖОТ. „Пејзажот е ликовна дисциплина, сликарски жанр во кој уметникот пробал физички да го оддели човекот од природата, да го ослободи просторот од неговото присуство, да го изрази светот без човечката историја. Но, трагата на човекот останала засекогаш присутна во просторот, иако тој физички е можеби отсутен. Пејзажизмот е еден од најстарите и најпоетските жанрови во ликовната уметност. Во него природата не е само позадина, туку суштина.“ – истакнуваат од Здружението образложувајќи го концептот на изложбата.
На изложбата традиционално ќе се додели и наградата „Владимир Георгиевски“. Во текстот од каталогот д-р Коста Милков, меѓу другото ќе напише за изложбата: „Пејзажот е блиското и далечното окружување на еден предел, а неговиот опфат зависи од точката на гледање. Тоа може да биде дрвото, градбата или улицата пред нас, па потоа полето, долината, глетките од планинските врвови, од разните летала, па сѐ до оние прикажани од бројните сателити. На тој начин целата земјина топка може да биде видена како пејзаж. Колку подалеку одиме со глетката, толку по воодушевувачки ни изгледа, но исто така поттикнува многу повеќе да го цениме местото кое го нарекуваме дом… Во една дамнешна статија за животот на астронаутите во вселенските станици прочитав дека две третини од будното време тие го минуваат гледајќи во сината планета која живот значи. Прозаично е да се каже, но сеедно е голема вистина, за најважните нешта во животот стануваме свесни кога сме оддалечени од нив од кои било причини.“
На изложбата ќе бидат претставени дела од седумнаесет македонски сликари. Томе Мишев, Панче Ѓоргиев, Трајче Чатмов, Ванчо Кеков, Орце Нинески, Вангел Срнаков, Тони Попов, Горан Ристовски, Борче Богоевски, Ирена Десовска – Белчовски, Милош Милосавлевиќ, Билјана Билбилоска, Ване Костуранов, Дејан Иванов – Маргуш, Никола Пијанманов, Катерина Поп-Арсова и Стефан Младеновски.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Галерија Метаноја и фамилијата Георгиевски.