РАЗГОВОР СО КОСТА АНГОВ, АКТЕР ВО НАРОДЕН ТЕАТАР „АНТОН ПАНОВ“ СТРУМИЦА

Разговорот го водеше Никола Пијанманов

23 мин. читање

Коста, речиси дваесет години си дел од ансамблот на Народен театар – Струмица. Најпрвин за твојата професионална поврзаност со матичната куќа, но и лична. Што значи театарот за тебе освен што тоа е една игра во еден паралелен живот и свет каде постојано се менуваат улогите и ликовите. И дали играта во еден ист, постојан простор претставува некаква опасна комфорна зона во која актерот може да се осеќа како дома, а сепак понекогаш според дадените улоги треба да биде туѓинец? Недостига ли предизвикот да се игра на други места, во други театри и сценски простори?

Првата претстава во мојот живот, на која присуствував како гледач, се случи на сцената на НТ Антон Панов во Струмица. Тоа беше некаде на почетокот на 90-тите години од минатиот век. Од тие почетни средби со театарот во сеќавање ми се останати чудната енергија која владееше во театарот и која тогаш не можев да си ја објаснам, мистериозноста на сцената, тишината, специфичниот мирис, мрачните ќошиња околу сцената. Тоа беше како да влегуваш во сосема друг свет, многу поинаков од сето тоа што беше надвор. Тој свет почна уште од почеток необично да ме привлекува. Во тие  мигови не можев ни да замислам дека еден ден, и јас ќе ја имам можноста да создавам магија на таа сцена, да бидам дел од тој мистериозен свет, да чекорам по штиците што, нели, живот значат. Но, судбината сакаше тоа да се случи, за што сум неизмерно благодарен и среќен. Скоро четврт век подоцна, после 40-ина премиери на истата таа сцена, можам слободно да кажам дека, и лично и професионално сум нераскинливо врзан со мојот матичен театар. Што се однесува до вториот дел на твоето прашање, секако дека играњето во еден ист театар може да доведе до презаситување, и кај актерскиот ансамбл, и кај публиката. Актерот има потреба да се проба и прикаже во друга средина, да почувствува енергија од друга публика (тука не станува збор за гостувања и фестивали кои секако дека ги има, туку за работа на цел проект во друг ансамбл, во друг град, во друга енергија). А исто така и публиката, претпоставувам, би сакала да види освежување на нашата сцената, други актери кои би играле во наши претстави. И тоа се случувало порано, се случува до некаде и сега, но мое мислење е дека мотивите за такви размени секогаш биле од финансиска природа, се трчало по некакви хонорари и во таква ситуација неизбежно е да проработат комшиско-фамилијарните врски. Значи ни недостасува систем, стратегија, државна политика која треба да дојде од „горе“, од ресорното министерство. Кога јас би се прашувал, секој актер/ка би требало да има шанса да заигра во друг ансамбл барем еднаш во својата кариера, и тоа без хонорар, туку за плата. Сепак сите ние сме вработени под иста капа, тетарите во секој град ги раководи државата така што, доколку се сака, лесно може да се направи некаква стратегија во која финансискиот дел ни би играл никаква улога, туку размената на идеи, енергии и искуства ќе бидат во прв план.

Фотографија: Столе Ангелов, плакат: Ване Костуранов

Колку е тешко или лесно со секоја нова улога да го менуваш и твојот идентитет, карактер и дали е полезно актерот постојано да го менува својот стил на игра или пак сепак останува нешто кое се вика „препознатлив начин на глумење“? Има ли опасност од маниризам во театарската уметност, каква што постои во визуелните уметности?

Некогаш е лесно, некогаш тешко, не можам да дадам дециден одговор. Има претстави во кои сето тоа се случува со леснотија, без мака, со радост, со нетрпение да зачекориш на сцената како одреден лик, да го облечеш неговиот костим, да ја направиш неговата фризура. За да се случи тоа потребно е да се наредат многу коцки, театарот е пред сѐ колективна уметност, зависиш од многу други работи, тоа е еден сложен механизам. Но, ако се препознаеш добро во ликот што ти е доделен, ако „кликне“ нешто помеѓу тебе и него, ако во неговата кожа се чувствуваш удобно и имаш чувство дека си одговарате како „рака и ракавица“, тогаш нема ништо полесно. За жал, не секогаш добиваш такви ликови, така што некогаш знае да биде доста тешко, процесот на работа да биде напорен, ликот да ти се спротиставува, да те нервира, да го мразиш, па пак да го сакаш, но во суштина, секогаш најважен е финалниот резултат. Патот што си го минал може да биде и ваков и онаков. А, на крајот на краиштата, тоа е и убавината на нашата професија. И како и во секоја уметност, маниризмот знае да биде присутен и во театарот. Се влегува во комфор зона, во некаква привидна удобност, се оди по линија на помал отпор и се прибегнува кон веќе добро познати и користени средства. Иако, во принцип, никој актер не сака да слушне дека ликовите што ги игра во различни претстави личат еден на друг. А сепак, тоа си ти, не можеш да побегнеш сто проценти од себе, но мора да истражуваш, да се обидуваш, да грешиш, да паѓаш и да стануваш обидувајќи се да дојдеш до некоја свежина, некоја различност, дистинкција помеѓу различните карактери и ликови што ги играш.

Почна со „Роденден“ на Пинтер во далечната 2008 година ако не се лажам, а последната твоја улога е ликот на Себастијан во новата претстава на Александра Кардалевска, „Четири слики на љубовта“.  Долг ли е тој период? Во кратки црти што се случуваше помеѓу двете црти на таа отсечка, овие дваесет години? Предизвик ли е сѐ уште театарската уметност за современата публика и младите? Како се менува и дали воошто се менува пристапот на „штиците кои живот значат“ кон модерниот контекст на живеење?

Мојата прва улога е во претставата „Плејстејшн“ во режија на Јани Бојаџи, во веќе далечната 2003 година. А сега, 23 години подоцна се случи уште една премиера овие денови. И самиот некогаш се прашувам дали навистина поминале толку години, половина од мојот живот веќе сум врзан со театарот. Тоа е долг период одбележан со 40-ина премиери, стотици одиграни претстави, гостувања низ земјава и во странство, запознавање со огромен број нови луѓе, соработници, режисери, сценографи, костимографи, музичари, колеги актери/ки, долги и напорни проби, безброј дружби после проба или после претстава, некогаш конфликти, некогаш љубов, некогаш добро одиграни улоги, некогаш не, некогаш ладни зимски денови на сцената во театарот, некогаш ужасно задушливи лета, но никогаш досада, непријателства и монотонија. Животот во театарот тече на брза лента, дури се свртиш поминале многу години. Што се однесува до публиката, во последно време, имам чувство дека младата публика сѐ повеќе се враќа во театарот, ако знаеш да им понудиш добар производ, нешто што им е блиску до нивниот сензибилитет и нивното разбирање на светот. Не мислам дека театарот треба по секоја цена да се додворува на современиот начин на живеење и да го нуди на публиката тоа што веќе го добиваат на интернет и на разните социјални медиуми за инстант забава. Театарот секако треба да се приспособува на времето во кои твори, но без да ги загуби своите столбови, својата магија, својата способност да поставува прашања, да тера на размислување, да остава траги кај гледачот долго откако ќе го напушти театарскиот салон. Всушност, така театарот и опстојува сиве овие години, додека постојано е под притисок на нови форми на забава, лесно достапни на секого во топлината на својот дом. Театарот постоел, постои и ќе постои, сѐ додека се врти земјата.

Музиката ти е многу блиска, мој впечаток е дека во твојата игра на сцената има многу музикалност и музички такт, а тоа посебно е изразено во твоите улоги од монодрамата „Глумецот е глумец е глумец…“ Наполеон во „Животинска фарма“, таткото во „Деца на Светот“ и секако Илја Телегин во „Вујко Вања“ каде имаш цели делови од дејствието во кои интерпретираш песни на гитарата во живо, на сцена. Режисерите го препознаваат тоа кај тебе. Колку талентот за другите уметности, како музиката или книжевната, даваат свежина во интерпретацијата на улогите?

Фотографија: Столе Ангелов

Еден актер, треба да биде музикален, да има слух за музика, да има чувство за ритам, темпо, да може да пее, да танцува, тоа го бара од нас самата професија. Поради тие причини во текот на школувањето се посветува многу внимание на тие вештини. Јас, на пример, на факултетот за драмски уметности имав 4 семестри соло пеење, 2 семестри народни танци и  2 современи танци. Значи, мора да бидеш подготвен за работа на сцена. И не само што музиката како уметност има огромно значење во еден театарски продукт (нема претстава без музика), туку и театарот и музиката имаат многу сличности во создавањето на едно дело. И во претставата, како и во едно музичко дело има ритам, има темпо, има композиција, диригентот, односно режисерот диригира од страна, додека музичарите, односно актерите, секој со својот инструмент, со своите ноти, го наоѓаат своето место во една целина, дали е тоа претстава или симфонија. Јас и приватно сум вљубеник во добрата музика, сакам да слушам музика во секаква пригода, малку потсвирнувам и гитара, така што тоа несомнено ми е од помош кога треба да се работи некоја претстава во која музичкиот дел е многу по застапен.

Според мене една од твоите најзначајни и најспецифични улоги е таа на „крмакот Наполеон“ во „Животинска фарма“ во претставата на Љупчо Георгиевски. За истата доби и награда во Враца. Колку ликови од реалниот свет се преобразија во Наполеоновци и нели осеќаш дека делото на Џорџ Орвел е најактуелно денес, следејќи ја домашната и светска политичка сцена?

За жал, тоа е горчливата вистина. Со секој изминат ден се движиме во насока за која пишувал Орвел и во „Животинска фарма“ и во неговото култно дело „1984“ кое исто така го поставивме на сцената на нашиот театар. Човекот стрмоглаво оди кон својата пропаст и работи во корист на сопствената штета. Наполеоновци на секој чекор, се борат за некакви идеали додека не се дограбат до некаква позиција и потоа почнува падот, приоритетите се менуваат, се забораваат идеалите, единствено нешто за што работат е сопствениот комфор и полнењето на својата сметка. Но, сѐ повеќе ми изгледа дека и не може поинаку, најверојатно човекот е така скроен, егоист, само јас и никој друг, пред мене хаос-после мене потоп. Јас и моите да сме добро, за другите – нека ја мислат другите. И ќе биде така, сѐ додека еден ден планетета Земја не нѐ истресе од себе како непотребна прашина. Инаку претставата „Животинска фарма“ во нашиот театар беше поставена токму во таков период, зимата 2018 година, кога ние се соочувавме токму со Наполеоновци во нашиот живот, како Орвел да ја беше напишал по нарачка баш за нас. Одлично минуваше кај публиката, беше една од подобрите претстави во тој период, но за жал немаше таков живот како што очекував, од различни причини. Една од нив беше и пандемијата која ја имавме тогаш, така што претставата, за жал, го заврши прерано својот пат.

Фотографија: Сречко Гунчев

Имаш остварено и неколку филмски улоги. Тешко ли е во Македонија со толку ограничена филмска и ТВ продукција да се добие улога во серија, долгометражен или краток филм? Како оди тој процес, дали е објективен и дали во театарските куќи низ државата се прават аудиции за домашниот филм и филмските улоги? Или најчесто тоа се реализира во тесни кругови во кои на прво место се познанствата со продуцентите и режисерите?

Па, во секој случај не е лесно, пред сѐ заради ограничениот број филмови и ТВ серии што се снимаат кај нас на годишно ниво. Ние сме мал пазар, филмот е скапа уметност, буџетите се ограничени и честопати се прават копродукциски проекти во кои некогаш учествуваат актери од страна, а во последно време се прибегнува и кон сѐ почесто користење на непрофесионални актери, т.н. натрушчици, веројатно затоа што за продуцентите е финансиски поисплатливо, не знам. Се прават кастинзи за одредени филмови, но сето тоа главно се случува во Скопје, па ние сме тука малку отсечени и хендикепирани во тој поглед, од проста причина што не секогаш стигнува навреме информацијата. А, и кога ќе стигне, имаш чувство дека кастингот е чиста формалност (затоа што продукциите се задолжени да спроведат кастинг) додека улогите се веќе однапред распределени. Имаше порано пракса некои кастинг-агенции да одат низ театрите во државава и да бараат соодветни актери за некој проект, но такво нешто не сум слушнал во последниве години. Во секој случај, како што велиш, познанствата со продуцентите и режисерите играат голема улога, иако можеби не секогаш.

Може ли одблиску да ја запознаеш публиката како се движи еден театарски процес во кој актерот се соголува себеси на сцената, се преобразува во нов човек, целиот се вдлабочува во својата нова внатрешна животна улога, а сепак целото тоа искуство треба да ѝ го пренесе на публиката која со внимание го набљудува секој негов чекор и гест на сцената. Прво се учи целиот текст и смислата на драмското дело или тоа оди паралелно со сценските движења и мизансценот?

Процесот на создавање на една театарска претстава е поделен во два главни дела: проби на маса (читачки проби) и проби на сцена (мизансценски проби). Се почнува со проби на маса, дел од процесот кој е од суштинско значење за претставата т.е. за ликот што го добиваш, не само затоа што во тој период се учи текстот, туку, што е уште поважно, се прават темелни анализи за секој еден детал во текстот, за неговиот автор, за секој еден лик, за секоја реплика итн. Тие проби можат да потраат и до две недели, тука се создава костурот на ликот, на кој подоцна ќе му бидат додадени сите мускули, органи, артерии, вени, крвта и месото што од зборови напишани на бел лист хартија ќе создадат живо суштество, ќе се роди карактер, лик, човек. После тоа, излегуваме на сцена, и како и кај секој новосоздаден човек, се прават првите чекори, се изговараат за првпат репликите во просторот, на некој начин јас со секоја нова претстава учам одново да одам, да зборувам, да мислам и сето тоа како нов лик, како ново јас, почнуваш да размислуваш како ликот, да ги разбираш неговите постапки (без разлика дали ги оправдуваш или не), да ги разбираш неговите намери, зошто го кажува тоа што го кажува, зошто оди така како што оди, зошто се однесува со другите ликови во претставата така како што се однесува итн итн. Значи сите тие, а и многу други детали влијаат на финалниот производ кон кој сите ние тежнееме, а тоа е: што е можно попрецизен, појасен и поконкретен лик на сцената, кој знае зошто е таму, знае која му е целта и знае како да стигне до неа. И тој новосоздаден лик, човек, го има неколку часа додека трае претставата и исчезнува, останува можеби во сеќавањето на публиката, во потсвеста на актерот, живее додека претставата е на репертоар, а кога ќе престане да се игра претставата, ликот, човекот што си го создал, умира. Останува од него по некоја слика во архивата на театарот, можеби некоја видео снимка со сомнителен квалитет и неколку зборови во монографијата за јубилејот на театарот. Тоа е проклетството на актерската професија, нашата уметност исчезнува во истиот миг кога се раѓа, во тие неколку часа на сцената. Овде и сега. Убавото е тоа што во следниот проект одиме повторно сѐ од почеток.

Фотографија: Сречко Гунчев

Во филмот „Персона“ на Ингмар Бергман, главниот лик, актерката која ја глуми Лив Улман, постојано сонува некаков кошмарен сон во кој таа се наоѓа на театарска сцена пред огромна публика и во еден миг стаписано застанува, го заборава текстот, движењата, заборава што воопшто бара на сцената. Постои ли понекогаш трема, страв и после толку долго чекорење по сцената?

Позитивната трема секогаш е присутна, годините искуство само помагаат полесно да се справиш со неа. Колку е поголема задачата што ја имаш во претставата, толку е поголема одговорноста, со тоа и стравот од евентуален кикс. Не е исто ако играш епизодна улога, имаш неколку појави на сцената, и ако играш главна улога, не излегуваш од сцена и ја носиш целата претстава на својот грб. Најнервозен можам да бидам последните 5 минути пред да почне претставата, некогаш ми се случува, ако имам многу текст, да ми се врти во главата дека не го знам текстот, ако пробам да се сетам на нешто, ништо не ми доаѓа, и може да ме обземе некаква паника, но како што реков, со искуството доаѓа и смиреноста, знам дека иако во моментот не можам да се сетам на ниеден збор од претставата, во првиот миг кога таа ќе почне, кога светлото ќе се запали, кога ќе го слушнам партнерот, веќе сѐ си доаѓа на свое место. Во такви моменти сакам само да се осамам во некое темно ќоше во театарот, и во целосна тишина, мир и концентрација да го чекам почетокот на претставата. Досега само еднаш ми се има случено да имам тотален блок на сцена, за време на претстава. Чувството воопшто не е убаво, времето како да застанува, земјата како да престанува да се врти, секундите траат како денови, како да си заглавен во црна дупка. За среќа, тука се моите партнери, моите колеги кои во такви мигови ти подаваат рака и те вадат од темнината.

Која би била улогата на твојот живот, постои ли таква? Една која ја замислуваш и би сакал некогаш да ја реализираш во театар или во филм?

Стандардниот одговор на ова прашање кај актерите е Хамлет или Ричард Трети, а кај актерките Леди Магбет или Нина Заречна. J Јас немам некои такви преференци, сонови, очекувања. Се разбира, кога читам некаква драматургија, ако налетам на лик што ми се допаѓа, можам да си замислам како би било да го играм, но тоа ретко се претвора во некаква цел кој ќе ја бркам низ годините. Јас сакам да го одиграм ликот што ми е доделен. На некој начин, оставам ликот самиот да ме најде мене, повеќе отколку јас да го барам него. Но, ако веќе треба нешто да издвојам, еве, во последно време ме фасцинираат ликовите на ирскиот режисер и драматург Мартин Мекдона, па еве, би сакал да одиграм на филм некој лик напишан од него, а по можност и во негова режија, ако не е премногу. Во театарот ми се допаѓаат многу делата на апсурдистите, театарот на апсурдот како жанр, па еве во иднина би сакал да играм некој лик од Бекет, Јонеско, Пинтер и др.

Коста, ти благодариме за разговорот и со нетрпение ги очекуваме твоите следни улоги во театарот и филмот.

Фотографија: Столе Ангелов