АЦО АЛЕКСОВ – ГОЛЕМИОТ СТРУМИЧКИ ТЕАТАРСКИ И ТВ РЕЖИСЕР

3 мин. читање

Ацо Алексов е роден на денешен ден, 3 ноември 1932 година во Струмица. Тој е едно од најзначајните имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска режија. Човек кој со своето творештво остави неизбришлива трага во целата македонска култура.

Роден е во Струмица, од родителите Ката и Мито Пијанманови кои умреле многу млади. На младиот Ацо Алексов му било предодредено да се бори сам во животот. Во родниот град го завршил основното и средното образование. Студирал на Театарската академија во Белград, на отсекот за актерство, во класата на Јосип Кулунџиќ. Алексов е еден од првите школувани ТВ режисери во повоена Македонија.

Неговата професионална кариера започнува во Струмичкиот народен театар „Антон Панов“, каде што работел како актер и режисер. Особено значаен е неговиот придонес во формирањето на Малата експериментална сцена во Струмица. Алексов е вграден во темелите на струмичкиот театар. Подоцна заминува во Скопје, каде што работи како асистент на филмска режија во „Вардар филм“, а потоа станува телевизиски режисер во Македонската телевизија, каде останува до крајот на својот работен век.

Алексов е еден од пионерите на македонската телевизиска режија. Во неговото творештво меѓу позначајните телевизиски и филмски остварувања се: „Премиера“ (1983), „Бог да ги убие шпионите“ (1993), „Грдиот нарцис“ (1968), „Шути и рогати“ (1973), „Парадоксот на Диоген“ (1975), „Волшебното самарче“ и легендарната ТВ серија „Белото циганче“.

Бил и автор на драмски текстови и сценарија. Во струмичкиот театар режирал голем број претстави, а неговата работа ги поврзувала театарската традиција и новите телевизиски изразни можности. Негов соработник и сценограф во театарските проекти бил Чедо Христов.

На интернационалниот филмски фестивал Астерфест, од 2010 година, се доделува наградата „Ацо Алексов“ за најдобар македонски филмски автор. Тоа е симболично потсетување на значењето на режисерот во македонската кинематографија. Наградата се доделува секоја година и таа го чува неговото име во спомените на струмичката културна историја.

Во архивата на списанието „Културен живот“ од март 1968 година постои интересен разговор со Алексов. Во него тој зборува за односот меѓу актерството и режијата и објаснува дека актерското искуство му помагало подобро да ги разбере можностите и границите на актерот. Тоа е особено интересно, бидејќи открива дека зад режисерот стоел човек кој добро ги познавал актерите и театарот однатре.

Ацо Алексов заслужува многу поголемо место во културната меморија на Струмица. Градот не треба да се сеќава на своите великани само преку текстови и архиви, туку преку нивните дела, нови уметнички дела во чест на нивните имиња, јавни проекции и ретроспективи на нивните творештва. Градот вреди толку, колку што ги памети кодовите на својата културна историја.