НБРМ воведе администрација во АЛТА банка

2 мин. читање

Народната банка воведе привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола, исклучиво поради случувањата со нејзиниот акционер со квалификувано учество, „Алта банка“ а.д Белград. Од регулаторот децидно нагласуваат дека оваа мерка не значи затворање на банката, стечај ниту пак активирање на Фондот за осигурување депозити, туку претставува заштитен чекор сѐ до промена на сопственоста.

Банката останува ликвидна и високо капитализирана, со солидно кредитно портфолио. Сепак, со цел да се спречи нагло и масовно повлекување на средства и да се заштитат интересите на сите клиенти, воведена е привремена регулатива на трансакциите:

  • Физички лица: Имаат неделен лимит од 10.000 денари за користење преку картички (готовина и плаќање кај трговци). Внатрешните плаќања во рамките на банката се неограничени.
  • Правни лица: Можат да вршат само внатрешни плаќања во рамките на банката. Одливите надвор од банката (преку платни системи или готовина) се привремено ограничени.
  • Меѓународни плаќања: Приливите преку СЕПА и кореспондентно банкарство течат непречено, додека одливите кон странство се привремено прекинати.
  • Обврски и штедење: Кредитокорисниците продолжуваат редовно да ги подмируваат своите обврски, а штедните влогови се законски осигурени до 30.000 евра.

Народната банка апелира до граѓаните да се потпираат само на официјални информации и да избегнуваат панично повлекување средства, бидејќи стабилноста и средствата на штедачите се целосно заштитени.

Денеска од банката излегоа со соопштение дека банката привремено нема да работи: Ве информираме дека од 2 ноември 2026 година (понеделник), експозитурите на АЛТА банка АД Битола привремено нема да работат со клиенти, до дополнително известување.

Извор:
– web страна на NBRM
– Facebook страна на АЛТА Банка