Македонските граници – лесно пропустливи за лица со судски процеси

2 мин. читање

Македонија има државна граница долга околу 897 километри, со пет соседни држави: Србија, Косово, Албанија, Грција и Бугарија. Министерството за внатрешни работи има гранична полиција, мобилни единици и систем за соработка со соседните земји. Значи, формално, постои организиран систем за контрола на границата.

Како стана македонската граница толку пропустлива за лица со одреден притвор, со кривична или криминална одговорност, за лица со политички агенди или миленици на соседните држави?

Дали секое бегство е резултат на неефикасност или понекогаш постои и човечки фактор, намерно замижување, дојава, злоупотреба на службената положба или директна помош?
Имаме причина ова прашање да не го отфрламе однапред.

Случајот со поранешниот премиер Никола Груевски кој ја напушти Македонија на неразјаснет начин, случајот со Артан Груби, со дел од обвинетите за случајот ,,Монструм”, поранешни министри, криминални структури, и последниот случај со Ива Михајлова која пребегна во Република Бугарија без никаква евиденција на граничните премини, го ставаат во знак прашање македонскиот граничен систем.

Најголемата штета е кога граѓаните почнуваат да веруваат дека постојат два правни системи: еден за обичниот човек и друг за оној што има пари, влијание од други држави или политички заштитници.
Тогаш секое ново бегство не се доживува како изолиран пропуст, туку како потврда дека системот не функционира еднакво за сите. Ако таквата недоверба е оправдана во конкретни случаи, таа не може да се поправи со прес-конференции, ветувања за засилени контроли или префрлање на вината од една институција на друга.
Потребни се факти, истраги и одговорност.

Најважното прашање што би требало да го поставиме пред надлежните е: колку лица барани со потерница успеале да ја напуштат Македонија, колку службеници биле санкционирани поради тоа и колку од тие случаи добиле судска разрешница?