Две огледала се поставени едно спроти друго. Во нив се отвора бескраен коридор од одрази што се повторуваат и исчезнуваат во далечината. Секое следно огледало го содржи претходното, а сепак ниту едно не е оригиналот.
Бесконечност. Огледалото го содржи одразот на огледалото, кое повторно го содржи истиот одраз. Како бескрајно повторување на постоењето. Едно огледало е нашето лице, а другото е нашата душа. Кога човек ќе погледне во себе, зад секое откритие се отвора ново, подлабоко прашање. Внатрешниот човек.
Во музиката на Арво Парт нема потреба од драматични кулминации. Мелодијата се движи полека, како мисла што не може да го пронајде својот последен одговор. Сè тече полека кон Вечноста. Музиката како да стои надвор од времето. Не раскажува приказни, туку создава простор во кој човек кој ја созерцува музиката може да ја почувствува сопствената минливост.
„Spiegel im Spiegel“ е веројатно најпознатото дело на естонскиот композитор Арво Парт. Компонирано во 1978 година, непосредно пред Парт да замине од Естонија за Берлин, тоа првично било напишано за пијано и виолина, иако постојат многу други верзии, вклучително и за пијано и виолончело, виола, кларинет, флејта и удирачки инструменти. Како пример за минималистичка музика, делото поседува медитативна и спокојна едноставност, како во својата структура, така и во тоналитетите.
Композицијата се стекна со статус на „култна“, главно поради нејзината честа употреба во филмски и телевизиски саундтракови, како и во балетски и театарски продукции; денес е тешко да се поверува дека музиката на Перт била релативно непозната на Западот сè до 1990-тите години. Мотивите што се повторуваат во делото – растечки скршени акорди (во втора инверзија) во четвртини ноти во десната рака на пијаното и долги, одржани тонови кај виолината (или другиот инструмент) кои полека се искачуваат и спуштаат – се веднаш препознатливи.
Во 1960-тите години, иако во голема мера отсечен од западната современа класична музика, Парт експериментирал со серијализам, колаж, неокласицизам и агресивна дисонанца – стилови што го потврдиле неговиот статус на модернист, но и го довеле во судир со естонските советски власти. Сепак, тој чувствувал незадоволство од сувопарните „детски игри“ на авангардата; како реакција на тоа и во обид да пронајде сопствен композициски стил, тој се повлекол во доброволен креативен егзил. Во тој период ги истражувал традициите и музичките и културните кон кои чувствувал најголема привлечност: грегоријанскиот корал, хармонската едноставност и својата руска православна вера. Резултатот бил препознатлив и уникатен композициски глас: музиката на „ѕвончињата“ или „тинтинабули“ (tintinnabuli), првпат слушната во неговата клавирска минијатура „Für Alina“. Ова дело го поставило темелот од кој произлегла неговата најпозната музика, вклучувајќи ги „Spiegel im Spiegel“, „Fratres“, „Summa“ и „Tabula Rasa“.
Во овој типичен и длабок есенски ден, музиката на денот е: