Петтo издание на „Струмица на улица – Sunday run“

2 мин. читање

Петтото издание на познатата градска трка „Струмица на улица – Sunday run“ ќе се одржи на 1 ноември 2026 година. Настанот нуди можност за учество во три дисциплини: трки на 5 км, 10 км и полумаратон од 21,1 км.

Интересот за овогодинешното издание е голем, а досега се веќе пријавени над 250 тркачи. Пријавувањето се врши преку официјалната веб-страница www.strumicanaulica.mk. За сите што ќе се пријават најдоцна до 18 октомври, загарантирана е и Dri-Fit маица со специјален дизајн во стартниот пакет.

Генерален партнер на јубилејното издание е брендот Sunday на компанијата Колид С, а настанот е поддржан и од повеќе компании од Струмица и регионот.

Организаторите најавуваат уште подлабоко и поквалитетно искуство за сите учесници:
„Трката постои пет години и луѓето ја сакаат. Она што досега недостасуваше е организација што ќе ја крене на ниво на кое Струмица заслужува. Оваа година го правиме токму тоа – со поголем тим, со подобра опрема и со партнери кои веруваат во настанот. И годинава целта е јасна: да ги обединиме тркачите од земјава и регионот на улиците каде што сме најсреќни. Заедно испраќаме порака дека спортот е простор што поврзува генерации, луѓе и различни приказни“, изјави Митко Андонов од организацискиот тим.

Трката ќе се одвива низ градските улици, со обезбедено електронско мерење на времето преку чип, станици за освежување по должината на патеката и финишерски медал за сите што ќе ја минат целта.

Низ годините, „Струмица на улица – Sunday run“ докажа дека ги обединува сите генерации, поттикнувајќи нови атлетски успеси, локална гордост и колективен дух.

На 1 ноември, Струмица повторно ќе трча, ќе навива и ќе се движи како едно!