Џип усмрти пешак кај Секирник, возачот е притворен

1 мин. читање

Трагична сообраќајна несреќа се случила ноќеска во близина на струмичкото село Секирник, при што животот го загубил 47-годишен пешак, соопшти СВР Струмица.

Според полициските информации, несреќата е пријавена на 21 септември околу 01:30 часот. Патничко моторно возило „ренџ ровер“ со струмички регистарски ознаки, управувано од 39-годишниот М.И. од Ново Село, удрило во пешакот Ѓ.К. (47) од село Секирник.

Од силината на ударот и здобиените тешки телесни повреди, пешакот починал на местото на настанот. Лекар од Итната медицинска помош во Струмица ја констатирал смртта. Возачот на возилото, М.И., е лишен од слобода и задржан во просториите на СВР Струмица за понатамошна постапка.

На местото на несреќата извршен е увид од страна на дежурен јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица, со цел утврдување на сите причини и околности под кои се случила трагедијата.