Човечкиот Христос на Пазолини

5 мин. читање

,,Евангелие по Матеја“ (Il Vangelo secondo Matteo,) е филм на италијанскиот режисер и поет Пјер Паоло Пазолини. Филмот е создаден во 1964 година.

Овој црно-бел филм не е класичен библиски спектакл, ниту филм што се обидува да го претвори Христос во идеализирана, недостижна религиозна икона. Пазолини го враќа Христос во светот на сиромашните, прашината, каменот, човечкото страдање и немилосрдната политичка власт.

Пазолини е левичарски настроен режисер кој создава едно од најсилните и најдуховните кинематографски толкувања на Христовиот живот. Тоа е филм за верата, но и за бунтот. За љубовта, но и за судот. За тишината на Бога и за човечкиот глас што не сака повеќе да молчи.

Во филмот Христос е претставен во човечка димензија без позлатена иконографија. Пазолини не го прикажува Исус како традиционалните холивудски библиски филмови: со раскошни костими, големи декорации, величествена музика и театарски гестови. Неговиот Исус, кого го игра шпанскиот студент Енрике Ирасоки, има остар поглед, издолжено лице и речиси сурова присутност, како од сликите на старите шпански уметници.

Поетското око на Пазолини не го оптоварува кадрот на филмот со украсување на сликата, туку како во песна, стих по стих ја гради сликата преку реалистична едноставност. Црно-белата фотографија ги претвора пределите на јужна Италија во нешто што истовремено изгледа како Палестина од времето на Исус. Како безвременски предел на човечката историја.

Камените куќи, сувите патишта, лицата на обичните луѓе и грубите предели создаваат впечаток дека гледаме свет кој сè уште не е напуштен од древната болка. Пазолини често ангажирал непрофесионални актери и луѓе од локалните средини. Нивните лица не се полирани за филмската индустрија. Тие носат траги од животот. Лицата стануваат пејзаж. Еден поглед на мајката, еден нем гест на селанец, еден изнемоштен човек на патот, сето тоа добива значење што оди подалеку од фабулата. Во овој филм, поезијата не е во тоа што светот е убав, туку во тоа што, и покрај неговата суровост, човечкото присуство сè уште има достоинство.

Пазолини бил марксистички интелектуалец, критичар на буржоаското општество, конзумеризмот и институционалната моќ. Неговото читање на Христос не е традиционално црковно толкување, но не е ни едноставно сведување на Исус на политички активист. Во Христовите зборови за сиромашните, милоста, лицемерието и неправдата, режисерот препознава радикална сила што се спротивставува на воспоставениот поредок.

Исус на Пазолини не се помирува со неправдата само затоа што таа е стара, законска или поддржана од авторитетите нс светот. Тој ја доведува во прашање религиозната лицемерност, надворешната побожност без човечка љубов, моќта што се поставува над страдалниците, општеството што ги остава сиромашните на маргините. ,,Многу први ќе бидат последни, а многу последни ќе станат први.”

Во многу библиски уметнички дела, чудото е голем визуелен настан. Специјални ефекти, светлина, драматични движења и заслепувачка светлина. Пазолини оди во сосема спротивна насока. Чудата ги прикажува со минимални кинематографски средства. Нема потреба секоја натприродна појава да биде претворена во визуелна атракција. Дури и исцелувањето на болните се пренесува преку едноставна реалистичка визуелизација. Нема спектакуларни ефекти. Овој пристап го отвора прашањето за чудото. Дали чудото е во натприродното дејство или во самата преобразба на човечкото постоење?

Музиката на Бах од ,,Страдањата според Матеја” ја пресекуваат душата, Пазолини ја користи како рефрен, како главен крик во филмот.

Филмот премиерно бил прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција во септември 1964 година, каде што добил голема меѓународна критичка и верска препознатливост. Освоил Голема награда на жирито и повеќе италијански филмски награди, а бил номиниран и за три Оскари. Интересно е што неговата рецепција не била ограничена на еден идеолошки или религиозен круг. Филмот бил ценет и од одредени кругови на католичкиот свет, иако Пазолини бил левичар и контроверзен режисер.

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе