СВР Струмица со кривични пријави за урбаната мафија!

Луѓе кои глумат морални столбови во општеството добија кривични пријави од СВР Струмица за несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба.

2 мин. читање

СВР Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник К.К. (36) и уште четири лица за злоупотреби со градежно земјиште и бесправно градење. Според полицијата, во Општина Струмица било издадено незаконско одобрение за реконструкција на локација каде Деталниот урбанистички план воопшто не предвидувал градба.

Урбанистичкиот аналитичар (М.Т.): Се сомничи дека ги пречекорила овластувањата и изготвила одобрение за реконструкција, иако знаела дека предвидените работи всушност претставуваат изградба на сосема нов објект.

Раководителот на секторот (С.Р.): Пропуштила должен надзор и го одобрила документот, иако елементите од основниот проект јасно укажувале дека не станува збор за реконструкција.

Овластената градежна инспекторка (С.О.): Случајот го квалификувала само како обичен прекршок, иако располагала со докази дека на терен никнал нов објект наместо обнова на постоечки.

Поранешниот градоначалник (К.К.): Се товари за несовесно работење бидејќи го потпишал спорното одобрение, пропуштајќи да изврши надзор врз постапката.

Инвеститор (Ѓ.М.): Започнал со градење на сопствен ризик уште пред да заврши постапката, градејќи нов објект од втора категорија под изговор на реконструкција.

Истрагата покажала дека вработени во секторот за урбанизам и поранешниот градоначалник свесно овозможиле под превезот на „реконструкција“ да се изгради сосема нов објект. Инвеститорот започнал со градење на сопствен ризик, додека овластената градежна инспекторка, наместо да го запре бесправното градење и да покрене кривична постапка, случајот го евидентирала само како обичен прекршок. Петте лица се товарат за несовесно работење во службата, злоупотреба на службената положба и бесправно градење.

Извор:
Facebook страна на МВР