ССМ: За плата се бориме – не се молиме

1 мин. читање

Работниците порачуваат дека нивната борба не е само еден протест, еден штрајк или една блокада, туку континуиран стремеж за зачувување и унапредување на нивните права. Тие сметаат дека 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, е денот кога протестите и демонстрациите се нивна должност кон минатото и обврска кон иднината. Сојузот на синдикатите на Македонија и оваа година организира масовен собир, продолжувајќи ја традицијата по осми пат по ред со почеток во 11 часот од пред Работничкиот дом во Скопје.

Под мотото „За плата се бориме, не се молиме“, работниците бараат достоинствени примања и повикуваат на сеопшта солидарност. Тие апелираат и до своите колеги за чии плати синдикатите веќе извојувале покачување, дека работничката солидарност не смее да познава граници. Нивниот став е дека денес се борат за оние со најниски плати, а утре за сите други. На овој 1 Мај, работниците планираат да бидат солидарни, гласни и обединети, стоејќи рамо до рамо за да покажат дека нивниот глас не може да биде игнориран. Тие се децидни дека работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати и порачуваат дека за нив повеќе нема да се молат, туку ќе се борат.

Извор:
Facebook страна на ССМ