На 14.04.2026 по предлог на пет пратеници од владеачката коалиција вклучително и струмичанката Ели Панова, беше поднесен предлог закон за изменување и дополнување на ,,Законот за минерални суровини” по скратена постапка. Во Собранието најгласни противници на овој закон се пратенците на Левица кои со филибастер се обидуваат да го спречат донесувањето. Овој предлог закон веднаш ја подели јавноста и голем број на луѓе, еко-активисти и експерти искажаа сомнеж дека законот нуди можности за злоупотреби и откочување на голем број сомнителни проекти кои благодарение на граѓанскиот отпор и фронтот за заштита на животната средина биле стопирани.
Струмица пред неколку години покажа најголем граѓански отпор токму по прашањето на отворање на „Рудникот на смртта“ во Иловица како што го нарекуваа екологистите. На тогашните протести организирани од „Здрава Котлина“ поддршка дадоа огромен број на граѓани како и тогашната опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, дел од функционерите на СДСМ, но и дел од свештенството на МПЦ. На отпорот кој денес се појавува, повеќе од јасно е дека од тогашните поддржувачи на еко протестите, на терен, но и во медиумите веќе никој од наведените не дава поддршка.
Од „Еко Правда“ започнаа инцијатива која е поддржана и од „Здрава Котлина“ за собирање потписи и истакнаа дека: Рударското лоби е во голема офанзива Македонија да ја направи рударска колонија. Да покажеме дека не се согласуваме со сомнителни инвестиции кои носат само профит на одредени бизнис кругови, на сметка на јавното здравје и животната средина. Потпишете ја петицијата!
Извори:
– Петиција против измените на Законот за минерални суровини
– Тивериопол.мк – Претходни протести