Бледо сина точка – Зборови што требаше да го променат светот

5 мин. читање

Во моменти кога повторно зборуваме за вселената и небесните тела благодарение на вселенската програма на НАСА, Артемис, можеби е редно да се потсетиме и на сондите од мисијата Војаџер кои станаа најоддалечените објекти направени од човечка рака кои патуваат низ меѓуѕвездениот простор. Лансирани во 1977 година, овие летала испратија неверојатни податоци и фотографии од Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун пред да ги напуштат сончевиот систем. Нивното патување продолжува и денес како тивок потсетник на нашата желба да го откриеме непознатото во длабочините на космосот.

Фотографијата позната како „Бледо сина точка“ настанала како резултат на визијата на познатиот астроном Карл Сеган, кој ја убедил НАСА да ја сврти камерата на Војаџер 1 кон Земјата. На 14 февруари 1990 година, од огромна оддалеченост од околу 6 милијарди километри, Војаџер 1 направил серија фотографии пред конечно да го исклучи својот визуелен систем засекогаш. На финалната слика, Земјата изгледа како едвај видлива точка, помала од еден пиксел, сместена во еден од зраците на сончевата светлина што се рефлектираат во леќата. Овој мал синобел диск станал моќен симбол на нашата ранливост и осаменост во бескрајниот вселенски простор.

Оваа фотографија четири години подоцна станува инспирација за истоимената книга на Карл Сеган кој во неа ќе даде исклучително видување за оваа мала бледо сина точка. Ви ги претставуваме можеби и најинспиративните зборови за нашиот дом, за нашата планета некогаш кажани од некој човек:

Од оваа оддалеченост, Земјата можеби не изгледа како нешто посебно интересна. Но, за нас е поинаку. Погледнете ја повторно таа точка. Тоа е тука. Тоа е нашиот дом. Тоа сме ние. На неа секој што го сакате, секој што го познавате, секој за кој некогаш сте слушнале, секое човечко суштество што некогаш постоело, си го поминало својот живот. Збирот на нашите радости и страдања, илјадници правилни религии, идеологии и економски доктрини, секој ловец и собирач, секој херој и кукавица, секој творец и уништувач на цивилизации, секој крал и селанец, секој млад заљубен пар, секоја мајка и татко, дете полно надеж, пронаоѓач и истражувач, секој учител по морал, секој корумпиран политичар, секоја „суперѕвезда“, секој „врховен водач“, секој светец и грешник во историјата на нашиот вид живеел таму – на честичка прав оставена во сончев зрак.

Земјата е многу мала сцена во една огромна космичка арена. Помислете на реките од крв пролеани од сите тие генерали и императори за да можат, во слава и триумф, да станат моментални господари на дел од една точка. Помислете на бескрајните суровости што им ги нанесуваат жителите на еден агол од овој пиксел на слични на нив на другиот агол, колку се чести нивните недоразбирања, колку се желни да се убиваат едни со други, колку е жестока нивната омраза.

Нашето претставување, нашата замислена самобитност, заблудата дека имаме некоја привилегирана положба во Универзумот, се ставени под предизвик од оваа точка на бледа светлина. Нашата планета е осамена дамка во големиот космички мрак кој не обвиткува. Во нашата небитност, во сето ова пространство, нема ни навестување дека помош ќе дојде од некое друго место за да нè спаси од нас самите.

Земјата е единствениот познат свет што може поддржува живот. Нема друго место, барем не во блиска иднина, каде што нашиот вид би можел да мигрира. Да го посети, да. Да се насели, сè уште не. Сакале или не, во моментов Земјата е местото каде што опстојуваме.

Речено е дека астрономијата е искуство на понизност и искуство кое гради карактер. Веројатно нема подобро прикажување на човечката вообразеност од оваа далечна слика на нашиот мал свет. За мене, таа ја нагласува нашата одговорност да се однесуваме пољубезно едни кон други и да ја чуваме и негуваме бледо сината точка, единствениот дом што некогаш сме го познавале.

— Carl Sagan, Pale Blue Dot, 1994

Извори:
NASA pale blue dot
NASA Carl Sagan
Cornell University Carl Sagan
Wikipedia pale blue dot
Amazon Book “Pale blue dot”