Лидија Давчева – oshibana креативец

(разговорот го водеше Никола Пијанманов)

9 мин. читање

Лидија, оние што те познаваат, знаат дека си исклучително креативна личност. Книгите отсекогаш биле твојата пасија, музиката и пеењето исто така. Но, последниот креативен импулс го пронајде во креирањето колажи и слики со невообичаена техника, со суви билки, цветови и лисја. Како се споија ботаниката и применетата уметност?

  • Благодарам за ласкавата најава Никола. На самиот почеток од овој разговор да ти се заблагодарам за тоа што точно го дефинира, го вооквири тоа што го работам – како применета уметност.

Приказната има два почетоци, а крајот не знам каков ќе биде. Имано, се започна пред неколку години како обид да материјализирам спомен од една драга личност која веќе не е меѓу нас и како желба да направам хербариум и да го запознаам одблиску светот на растенијата. Така почнаа да се отвараат нови светови. Се споија љубовта кон природата и страста кон уметноста.

Пресуваните билки се претворија во идеален медиум преку кој можам да се изразам. Тоа е стара Јапонска самурајска вештина позната како ошибана (oshibana)– што значи цртање со суви и пресувани цветови, лисја и стебла. Наместо четка и бои се користат претходно исушените билки.

Гледате колку стара вештина применлива и денес.

Правиш убави споеви со книжевни дела во твоите колажи, како „Малиот принц“ и слично, а обично откако ќе се заврши процесот и ќе ги склопиш био – елементите во композицијата, ги врамуваш во старински ретро рамки со резба моделирана во гипс и златна фолија. Дали е тоа некакво надоврзување со традицијата на нашите баби кои везеа, плетеа и ги украсуваа домовите со своите креации?

  • Да, нашите баби беа многу вредни и работливи, сите го знаеме тоа. Пораснавме во домови украсени од нивните рачни изработки, плетеници, чипки, гоблени, облека…и секако многу вкусна храна.

Гобленските рамки некако убаво се совпаднаа со пресуваните цветови. Се долови тој старински шарм и топлина од едно друго време, убаво беа прифатени и со голем интерес.

Постојано истражувам и сакам да научам нешто ново или да го надополнам веќе наученото. Еве во последниот серијал „Птици“ вметнав пердуви во композициите. Колажите нудат многу комбинации и игра со елементите, затоа ми се погодни за работа.

Колку трпение треба да се изработат овие композиции од суви цветови? Од времето на старите романтичари поети, многу често се вметнувал сув лист, детелина, билка меѓу кориците на нивните книги. Цели библиотеки полни со суви растенија… Како некаква илуминација и украс, а можеби дневнички запис – симбол за некаков спомен, се сушеле тие билки заробени меѓу страниците на книгата. Како почнува, се развива и трае тој процес додека се подготват билките за редење на сложувалката на сликата?

  • Да, посебно во Викторијанскиот период се негувал тој романтичен однос, се пишувале љубовни писма со вметнато суво цвеќе, песни и.т.н.

Навидум изгледа романтично и привлечно, но во суштина пресувањето е макотрпен процес и бара посветеност и сериозна работа. Најпрвин се собираат растенијата, цвеќињата ( не ви кажувам од каде ги наоѓам, друга тема е тоа ) се отстранува непотребниот дел, зависи од цвеќето. Потоа внимателно се редат во преси ( изработени специјално за таа намена ). Во пресите пожелно е да одстојат околу две до три недели на оптимална собна температура, со редовна проверка како се одвива процесот на сушењето.

Во основата на процесот е одземањето на природната влажност, да не фатат мувла и да не потемнеат. Многу е важно правилно и на природен начин да бидат исушени бидејќи само така ќе ја зачуваат бојата и формата изменети, преобразени. Откако убаво ќе се исушат се сортираат по боја или вид и се чуваат на темно во фолии, кутии и сл.

Како знаеме кога се добро исушени?

Цвеќето/ растението треба да биде тенко како лист хартија, шушкаво. Значи од тродимензионална форма ги сведуваме на дводимензионална форма. Кога добро ќе се исушат траат со години и погодни се за креирање.

Колку се подготвени луѓето, публиката која доаѓа на базари или изложби на применети изработки да ги прифати како твоите дела (изработки, колажи) како вредни за украсување на ентериерот? Дали имаш позитивно искуство со колекционери, дизајнери на внатрешно уредување, кои би ги вметнале твоите креации во простор?

  • Да бидам искрена досега немам сретнато ниеден колекционер.

Незнаењето е нашиот најголем непријател.

Од досегашното скромно искуство приметив дека кога убаво ќе им се презентира, објасни на луѓето, кога ќе можат и да се вклучат на некој начин во процесот, на пример сами да си исушат цвеќе или да изработат нешто, тогаш се многу благонаклони и со пријатно воодушевување го прифаќаат тоа што го работам.

Пресуваните билки наоѓаат голема примена во секојдневниот живот. Декоративни изработки за домот, украси, накит, вметнати во дизајн на мебел, тапети со цветен дизајн, украсни хартии, честитки, бележници, принтови, изработки на шалови, фустани, ќебиња, теписони во цветен дизајн од пресувани цветови, сервиси за ручање и уште многу други убави нешта.

Отворена сум за соработка. Во нашата држава мислам дека сум прва што почна сериозно да се занимава со тоа, пионерски. Имам остварено неколку средби, нафрлени идеи…можеби треба да помине време, сепак е нешто ново и непознато.

Цвеќето е симбол на вечна убавина и носи порака за надеж, го разубавува секој простор, внесува ведрина и разиграност. Така да композициите, сликите од пресувани растенија, изгледаат убаво во било кој простор. Како да имате врамено парче од природата.

Секогаш си на културните настани во градот. Театар, изложби, концерти и филм. Како го осеќаш развојот на културата во Струмица? Што би можело да се подобри во презентација на креативните индустрии, алтернативната сцена и вонинституционалната уметност? Дали ресурсите кои ги имаме (Градска галерија, Младински центар, Јуроп Хаус, отворен Амфитеатар) се доволно искористени потенцијали за развивање креативната клима во градот?

  • Развој на културата во градот??? Постои ли некаков развој?

Добро, одвреме – навреме има некои проблесоци, некоја добра претстава, убав филм… Чмаеме. Желни сме за убавина. Најмногу ми смета тоа што уметноста и културниот живот се сведени на маргините, како нешто непотребно, излишно. За жал уметноста ја нема ни во институциите за култура, ниту вон институциите. Јас многу ја сакам уличната уметност, графитите, интервенции во просторот, театар на улица, герила акции и сл. Секој да може да ја впие таа естетика. А реалноста е грда слика, околу нас гледаме само казина, кладилници и ѓубре, насекаде – ѓубре.

Од неодамна си учителка, педагог во Основно училиште. Колку значи работата со деца за тебе? Какви се првите впечатоци од учителствувањето?

  • Многу се радувам што се вратив на првиот призив. Учењето е пат во две насоки, повеќе јас учам од нив отколку тие од мене. Децата се чисти и едноставни, знаат сѐ. Голема чест е да бидеш дел од нечие детство, се надевам ќе ме паметат како добра учителка.

Кога детето беше дете
чекореше мавтајќи со рацете,
посакуваше потокот да биде река,
реката да биде буен порој,
а овој вир да биде море.

Кога детето беше дете,
не знаеше дека е дете,
сè беше една душа
и сите души беа едно.

Кога детето беше дете,
немаше мислење за ништо,
немаше ниту навики,
често си седеше со нозете скрстени,
ненадејно почнуваше да трча,
во косата имаше излижан прамен,
не правеше гримаси кога го фотографираа.

Петер Хандке ( Кога детето беше дете )