Денеска во просториите на Министерството за економија и труд се одржа значајна средба помеѓу претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, министерот Бесар Дурмиши и највисоката делегација на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) предводена од генералниот секретар Лук Триангл. На средбата беше направен детален осврт на влошената положба на работниците во државата, при што ССМ уште еднаш ги образложи своите клучни барања за зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно зголемување на останатите плати за 6.000 денари.
Генералниот секретар Триангл изрази длабока загриженост за ниската оценка на Македонија во Глобалниот индекс за работнички права и нагласи дека социјалниот дијалог мора да биде суштински, а не само формален, со посебен фокус на почитување на колективните договори и Конвенциите на МОТ. Тој упати силна порака дека ниту една држава не може да напредува со сиромашни работници и нагласи дека минималната плата мора да овозможи достоинствен живот, истовремено осудувајќи ги притисоците и личните дискредитации врз синдикалните лидери.
Претседателот Трендафилов предупреди дека постоечките закони се менуваат без консултации со социјалните партнери и побара итно активирање на трипартитниот дијалог во рамките на Економско-социјалниот совет. Од страна на меѓународната делегација беше најавено дека состојбата во земјава и понатаму будно ќе се следи, а за постигнатиот напредок ќе се дискутира на годишната конференција на Меѓународната организација на трудот во Женева.
Извор:
– Facebook страна на ССМ