Додека се подготвуваме за новите репрезентативни возбудувања ова лето, нашите интернационалци од Струмица играат сезони за паметење. Струмичката школа уште еднаш докажува зошто е светски признаен бренд! Еве го прегледот на нашите асови пред одлучувачките битки:
Никола Ѓоргиев (VK ČEZ Karlovarsko, Чешка):
Капитенот е на мисија! Со своите 37 години и тој како и репрезентативниот колега Владо Милев, им пркосат на годините. Никола го предводи VK ČEZ Karlovarsko од пол-позиција. Првото место во регуларниот дел е само увертира за она што следува – напад на чешкиот трон каде Ѓоргиев ќе биде вистински лидер.

Филип Маџунков (Volley Haasrode Leuven, Белгија):
Нашиот среден блокер има одлична сезона во Volley Haasrode Leuven. Веќе е во ек на разигрувањето за титулата во силната белгиска лига, каде Филип прикажува одлична игра.

Александар Љафтов (MÁV Előre SC, Унгарија):
Љафтов доминира со својот тим! MÁV Előre SC најверојатно ќе заврши на првата позиција во регуларниот дел во првенството на Унгарија, а Александар е клучниот мотор на екипата. Плејофот ќе го започнат како главни фаворити за титулата, со Љафтов како стандарден лидер на теренот. Исто така денеска играат во финалето и на средноевропската лига MEVZA, против екипата на MOK Mursa – Osijek од Хрватска. Во полуфиналето беа подобри од екипата на SK Zadruga Aich/Dob од Австрија.

Владо Милев (Vegyész RC Kazincbarcika, Унгарија):
На 38 години, Милев покажува неверојатна класа! За кратко време успеа да се адаптира и да стане стандарден во својот тим. Со своето огромно искуство внесе стабилност во играта на својата екипа. Тој е втор најдобар примач во унгарското првенство што е само потврда за неговиот квалитет. Неговиот VRCK стартува од третата позиција и е подготвен да им ги помати сметките на фаворитите во борбата за шампионскиот пехар.

Ристо Николов (Volley Näfels, Швајцарија) – ФИНАЛЕ!
Ристо и неговиот Volley Näfels се пласираа во финалето од разигрувањето за шампионската титула. Со 3:0 во победи во полуфиналето се пласираа во големото финале! Сезоната ја завршија на првата позиција па со тоа се фаворити за освојување и на шампионската титула.

Овие момци покажуваат дека за квалитетот нема граници и години. Нивната врвна форма е одличен сигнал за репрезентацијата пред настапите во Европската лига и Европското првенство. Најдоброто од нивните кариери го чуваат за крај!
Со среќа во одлучувачките натпревари! Струмица навива за вас!