EXIT 8 или Бесконечниот ходник како состојба на свеста.

4 мин. читање

Јапонскиот филм Exit 8 е дело на режисерот Genki Kawamura и сценаристот Kentaro Hirase. Филмот е минималистичко ремек дело кое ја одбележи 2025 година. Ова филмско остварување е инспирирано од истоимената видео-игра на јапонскиот автор Kotake Create.

Главниот лик во филмот е млад човек кој се бори да го пронајде излезот од бесконечниот лавиринт на ходникот во една подземна метро – станица. Претходи краток и меланхоличен разговор со бивша девојка која е ставена на крстопат – дали да го роди или абортира бебето кое го добиле пред да ја раскинат врската. Разговорот се прекинува, снемува сигнал и тука почнува надреалното патешествие низ ходиниците на градското метро.

Современиот човек се мачи, се грчи во агонија низ ходниците, чекалниците, подземните премини на мегаполисите како да се наоѓа во некое чистилиште. Но, тоа чистилиште повеќе личи на пеколот. „Дали е ова веќе пеколот?“ – прашува главниот лик.

Човекот живеејќи по ритамот на модерниот свет, станува навиена кукла која оди и се врти низ определената патека сѐ додека трае механиката. После тоа, тој се смета за искористена роба.

Подземниот премин овде не е само физички простор – тој е ментална состојба.

Просторот во филмот е совршено чист, стерилен и повторувачки. Лажна слика за совршенството на цивилизацијата. Сите услови за егзистенцијата во модерниот свет се исполнети, само личноста се губи во математичката пресметка во која човекот е помножен со нула. Контрастот помеѓу совршената чистота на метро станицата и внатрешната мака на човекот, создава чудовишна претстава! Идентитетот е сведен на рекламен број, а животот е како ЕПП рекламирање и капиталистичките билборди и плакати се единствената достапна естетика од урбаното опкружување. Идеолошките банери од минатото се заменети со иконите на олигархиските индустрии. Не случајно е одбран бројот 8, број кој симболизира бесконечно повторување.

Главниот лик е е исто така, безимен, анонимен кафкијански карактер без идентитет. Нема биографија, но тој постои. Тој е алатка во системот. Кодирана единка која треба да премине од точка А до точка Б.

Овој факт дополнително создава морничаво чувство дека ние во приказната не гледаме конкретен човек, туку архетип на современиот поединец.

Таква е судбината на модерниот човек во урбаната цивилизација: се движи брзо напред, но не напредува. Технолошката еволуција не е во склад со човечкиот напредок. Секој чекор изгледа ист како претходниот. Како Ничеанската философија на проклетото повторување. Индивидуата затворена во ужасите на историската објективизација. Во тој контекст, „Exit 8“ станува приказна за секојдневието кое се повторува до бесвест, и луѓе кои стануваат кукли на рутината.

Најинтересниот елемент во експериментот е правилото:

ако е нешто чудно, ако ја согледаш аномалијата, мораш да се вратиш назад. И повторно да го бараш патот, како што Сизиф го бутка каменот по угорниците на планината. Ако главниот лик во „Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик, по увидената фатална аномалија на компјутерот Хал, (која го чинеше екипажот трагична смрт), не се врати назад на земјата, туку ја продолжи одисејата во бесконечноста, овдешниот лик во апсурдната Одисеја – мора постојано да се враќа назад и да го започне повторно патувањето. 

А патувањето е кошмарно. Тука совеста проектира сеништа.

Во свет каде што сè е повторливо и однапред дефинирано, се спасува само оној што ги забележува грешките.

Осмиот излез е спас од убиствената рутина на модерниот свет, портал кон спасението. 

Можеби тој портал и не значи вистински излез од лавиринтот, од космичката матрица, туку прифаќање на лавиринтот како неизбежна состојба на човечкото страдање?

Прашањето е: дали навистина постои излез?

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе