Мелетиј Софиски: струмичанецот во сенката на удобниот заборав

7 мин. читање

Во почетокот на XIX век Струмица била мал аграрен град во рамките на Османлиското Царство – со низок животен стандард, сиромаштија и чести епидемии што го одбележувале секојдневието. Повеќето луѓе живееле од земјоделство и занаети, со исклучително ограничени можности за образование и ниско ниво на писменост.

Годината е 1832. Во Струмица се раѓа Мелетиј Софијски — личност чие световно име не ни е познато. Татко му бил чевларот Спас (Спиридон) Андонов, а брат му Георги Спасов, кој, според некои извори, бил активен во тогашните црковно-национални движења во градот. Од овој мал балкански град тој започнува живот исполнет со патувања, духовни предизвици, судири и достигнувања што ја надминуваат оваа средина. Висок православен свештеник, струмичанец кој достигнал архиерејски чин и бил дел од високите црковни процеси на XIX век. Учествувал во зачетоците на создавањето на Бугарската егзархија и бил прв софиски митрополит.

Во 1847 година татко му го испраќа во Зографскиот манастир на Света Гора, кај својот вујко, јеромонахот Антим Ризов. Таму започнува неговото вистинско духовно оформување. Во 1851 година се замонашува и е ракоположен за јероѓакон, влегувајќи целосно во монашкиот и црковниот живот.

Од 1858 година, со поддршка на манастирот, заминува на школување во Атина. Студира во Атинската духовна семинарија, а истовремено служи како ѓакон во црквата при руското посолство во Атина — искуство што го воведува во поширокиот православен и дипломатски свет. По дипломирањето продолжува уште две години на Богословскиот факултет на Атинскиот универзитет.

По враќањето во Зограф, неговото образование продолжува во европските интелектуални центри — учи во Виена, а потоа две години богословие во Берлин. Оттаму заминува во Русија, каде што се усовршува во Кишиневската духовна семинарија, а од 1864 до 1866 година и на Санктпетербуршката духовна академија — една од најпрестижните богословски институции во тогашниот православен свет.

Во периодот од 1867 до 1869 година престојува во Капријанскиот манастир во Бесарабија, подчинет на Зограф, каде што преведува црковни текстови од руски јазик. Истата 1867 година е ракоположен за јеромонах, со што неговата духовна служба добива ново достоинство.

Ферманот со кој e основана Егзархијата.

Од 1869 до 1871 година дејствува како учител и проповедник во Сливен и Јамбол. Токму во тој период, во 1870 година, со султански ферман е создадена Бугарската егзархија — институционален израз на долгогодишните црковни стремежи и пресвртница во духовниот и општествениот живот на православното население. Настанот го означува почетокот на нова етапа, во која црковната организација станува и носител на пошироки национални идеи.

На почетокот на 1872 година Мелетиј заминува во Цариград — срцето на Османлиското Царство. Таму е назначен за секретар на тогашното највисоко организациско јадро на Егзархијата — Привремениот егзархиски мешан собор. Само неколку месеци подоцна е избран за прв софијски митрополит, со што се издигнува во самиот врв на новата црковна структура.

Но неговото архиерејство не започнува во мирни времиња. По задушувањето на Априлското востание е приведен под сомнение дека им помагал на револуционерни лица од БРЦК. Иако обвинет, подоцна е ослободен и се враќа во Софија, решен да ја продолжи својата служба.

Неговата непомирливост брзо го доведува во отворен судир со османлиските власти. Мелетиј упорно испраќа известувања за насилствата врз населението до Егзархијата во Цариград, до локалните управи и до конзулатите, со што односите со софискиот мутесариф Махзар-паша достигнуваат крајна точка. Наместо компромис, избира отпор — и по притисок на властите му е наредено да ја напушти епархијата и да замине за Цариград.

Со избувнувањето на Руско-турската војна, без дозвола ја напушта престолнината и заминува во Романија, каде што се приклучува кон руските војски. Овој потег му ја чини катедрата: Егзархискиот совет го отстранува од софиската митрополитска должност.

црква Светa Недела” катедрален храм на софискиот митрополит.

По ослободувањето на Софија повторно станува активен во јавниот живот, вклучувајќи се во отпорот против Берлинскиот договор и во организацијата на Кресненско-Разловечкото востание. Во 1878 година станува прв претседател на софијскиот комитет „Единство“, како и прв претседател на Софиското областно друштво на новооснованиот Бугарски Црвен крст. Тој е меѓу шеснаесеттемина највидни личности од бугарското општество од кои се бара мислење за идниот устав на новата бугарска држава. Активно учествува во нејзиното создавање — како пратеник во Основачкото и во првите две народни собранија.

Покрај црковната и политичката дејност, Мелетиј остава и културна трага: тој е еден од основачите на Народната библиотека во Софија, дарител на својата богата збирка печатени и ракописни книги, член на Бугарското книжовно друштво(денешно Бугарска академија на науките, БАН).

Во својот тестамент ги остава сите свои средства на егзархијата, при што дел од годишните приходи се наменети за формирање на Фонд „Учебни помагала за сиромашни ученици од град Струмица“. Со тие средства се обезбедува и стипендија за млад струмичанец кој, по завршувањето на образованието, ќе стане свештеник во Струмица или на друго место во Македонија. Друг дел од приходите ги определува за издавање литература со вероисповедна и морална содржина.

Последните години ги минува со нарушено здравје; во 1891 година заминува на лекување во Египет, каде што и умира на 6 мај 1891 година во Каиро. Погребан е во манастирот „Свети Георги“ во стариот град. Автор е и на неколку богословски трудови.

Автор:
Графички дизајнер, активист од “Здрава Котлина”