Биволи – автохтон вид во изумирање

3 мин. читање
Пол Жув: Македонски бивол 1917, акварел

Според некои податоци, биволите во Македонија се донесени за време на османлиските освојувања на Балканот.

Во Струмичката околина во периодот од 1914 до 1918 година бројот на биволите бил околу 930, најголем број имало во 1916 година кога тој број изнесувал 1031 глави.

Биволот води потекло од дивиот азиски речен бивол. Возрасниот примерок достигнува тежина до 1200 кг. кај машките единки и до 800 кг. кај женките.

Просечна висина кај возрасен мажјак е околу 1,7 метри.

Според податоците од 40-тите и 50-тите години од минатиот век, во македонските села биле застапени со над 5000 грла.

Биволот е најдоброто животно за работа во длабоката кал на земјоделските површини, поради големите копита и свитливоста на глуждовите. Поради ова се нарекуваат „жив трактор“ и со нив се ора подлабоко отколку со волови и коњи. Речните биволи претпочитаат подлабока вода. Добро се прилагодени на топла и влажна клима, на температура од 0 °C во зима и до 30 °C и повеќе во летно време. Пристапот до вода е од големо значење, бидејќи ова е начин на кој вршат терморегулација. За жал глобалното затоплување и падот на водостојот на реките допринеле кон исчезнувањето на биволите во Македонија.

Биволите најмногу се употребувале за обработка на земјоделските површини, но индустрализацијата во 60-тите години на минатиот век придонела до тоа, нивниот број значително да се намали.

Карактеристично за биволот е тоа што може да лежи по цел ден во калта како свињата, приврзан е за стадото како овцата, му служи на човекот како коњот и е верен како кучето.

Биволите имаат мирен темперамент со бавни движења.

Во 2009 година вкупниот број на биволи во Македонија е 55 грла.

Млечноста кај биволиците изнесува околу 700 литри за време на една лактација од 4 до 8 месеци. Таа дава многу мрсно млеко, а масленоста достигнува повеќе од 7 маслени единици. Киселото млеко е како павлака, додека сирењето од биволицата е најквалитетното сирење (моцарела).

Биволското месо е едно од најздравите и најскапите меса и секаде во светот е 2,5 пати поскапо од телешкото месо.

Биволите се касностасни животни, инаку се најдалечните сродници на говедата. Тие се доста отпорни, лесно прилагодливи и долговечни.

Од јануари 2013 година, домашниот бивол е воведен во законот за сточарство како автохтон вид на домашните животни, како и во програмата за заштита на биолошка разновидност во сточарството во Р.Македонија.

Извори:
Artlexicon.mk
Wikipedia

Автор:
Има дипломирано на факултетот за ветеринарна медицина на универзитетот св. Кирил… повеќе