Кажуваат дека еден средновековен сликар, во текот на целиот свој живот примал визуелни информации толку колку што ние денес можеме да примиме во еднодневно пребарување по интернет. Ниту еден човек во историјата не примал толку визуелни впечатоци како што денес конзумира современиот човек.
Едноставниот сликар живеел во визуелен пост, пост од сликовни информации, не примал речиси ништо сервирано во својот видлив свет, многу ретко патувал,најчесто не го напуштал своето село или мало гратче, а бил во можност да ја наслика целата вселена. Уметникот на минатото бил поврзан со природата и космичките вибрации на Универзумот. Такво е на пример, сликарството на Бројгел. Тој знаел да ги наслика настаните кои се случуваат во неговото родно место, во опкружување на локалните пејзажи, ликови од непосредниот живот. Ако паѓа снег во неговото селце, тогаш снег наврнало и по патот на Голгота. Неговиот микро свет се пресликува во целата човечка историја. Такво е сликарството и на Вермер кој од најблиските предмети и ентериери на секојдневното опкружување, создаде свој универзум, сликајќи во формати како човечка дланка. Големите творци, од историското – локално создаваат универзално – безвремено.

Во средновековните православни манастирски цркви, постојат такви скриени места кои во некоја чудна сенка на внатрешната архитектура и светлото од транзените, просто остануваат невидливи за оној кој внимателно го разгледува живописот. На тие скриени агли на ѕидовите, сликарот насликал претстави со подеднакво внимание и детали како на фреските кои се осветлени и видливи за секого. За кого создавал тој сликар?! Какво е тоа пркосење на законите на физиката и човечката амбиција! Денешното образование, ликовните академии, институтите за култура и скоро целата светска ликовна критика, се заснова на теоријата дека сликарството има значење само тогаш кога ќе биде наградено и видено во светот. Видено од сите! И најважно, да се биде оригинален, по секоја цена. Макар и да го продаваш воздухот на квадрат, невидливи скулптури, непостоечки слики или празната галерија да ја сметаш за завршено уметничко дело…
Во чудесната мала книга на Антоан де Сент Егзипери, главниот лик е еден малечок принц кој често се растажува губејќи ја смислата и радоста на животот кога ќе види дека на планетата Земја постојат илјадници цветови налик на неговиот, а тој мислеше дека постои само неговиот цвет, еден и единствен во космосот. Ете ја тагата на современиот сликар. Колку слики(плакати, дизајнирани принтови, филмови, реклами, евтини комерцијални платна со текстура) поминуваат дневно преку погледот на еден модерен сликар?! Не се добројуваат. После тој напад на ликовни информации,каква е смислата на милиметрите во неговата слика врз кои бдее со денови и ноќи?! Но, мудрата лисица во книгата на Егзипери, му кажа на принцот – „Ти за мене си сѐ уште едно обично дете слично на стотици илјади деца. И јас немам потреба од тебе. И ти исто така немаш потреба од мене. Оти јас за тебе сум исто така само една обична лисица слична на стотици илјади други. Но, ако ти мене ме припитомиш ние ќе имаме потреба еден од друг. Ти ќе бидеш за мене единствен на светот, јас ќе бидам за тебе единствена на светот.“
Треба длабоко да се поклопат очните капаци за да се пронајде внатрешната сокриена слика. А без неа не може да постои ликовната уметност. Тоа е таа визуелна тишина која ќе го спаси сликарството. Тоа е пауза од светот во која се насетува Боженствена сликовност. Во едно од писмата до братот Тео, Винсент ван Гог му пишува – „Понекогаш во толку голема луцидност ги сликам сликите, што мислам дека настануваат како во сон, како самите себе да се создаваат.“ Најголемиот феномен во случајот Винсент ван Гог, не е во тоа што тој не можел да ги продаде своите слики,(на тоа се навикнале старите мајстори кои живееле во аскетизам), туку во тоа што немал кому да ги подари. А насликал толку, колку за неколку животи во само две години творештво, затворен во санаториуми, далеку од светот и цивилизацијата. Од мрачните соби со решетки на лудницата во Сен Реми тој ги видел и ги насликал најсветлите пејзажи што еден сликар некогаш ги создал. „Од неговите полиња полиени со сончева светлина, човек може да ослепи“ – рекол неговиот париски пријател, Анри де Тулуз Лотрек.

Денеска сликарот создава гледајќи од обратна перспектива. Тој креира мрачни соби со решетки во кои светлината не може да пробие. Сѐ е во име на оригиналноста. Поредокот на творештвото е изместен. Ван Гог е добар за да се собираат пари од неговите репродукции испечатени на чадори и пластични кесиња. Денеска, сончогледите на Винсент не се модерни, а модерните уметници не смеат да сликаат како ван Гог. Затоа што не е култно да се слика светлината.
Уметноста ја поделија на нова и стара, историска (само за музеи) и современа. И сѐ што твори, а не е по каноните на философијата на супермаркетот е отпадок на современиот свет, застарена творба. Светлината не е модерна. Шокот од арт видеата и перформансите во кои сѐ е бесмислено и неонтолошко, треба да го водат знамето на современата естетика. Денешните иконописци, илуминатори на книги, фигуративци во скулптурата и сликарството, мозаичари, пејзажисти, портретисти, не се повеќе застапени во анализите на критичарите на уметноста и модерните кустоси. Некаде дури, овие дисциплини не се ни сметаат за дел од современата уметност кои треба да бидат вреднувани во модерниот контекст на постоењето. Кризата на вреднување се префрла од мејнстрим западниот свет кон посиромашните земји, па така и во балканските земји кои налудничаво без сомнежи го копираат естетскиот постмодернистички тренд на високоразвиениот свет. „Сѐ што е странско е повредно од нашето“, веќе видена формула на нашата инфериорност.
„Вие сте многу убави, но вие сте празни – им рекол на крајот малиот принц на цветовите од Земјата. – „За вас не може да се умре“
