ССМ ја блокира владата, најавен и генерален штрајк

1 мин. читање

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека денес, точно во 11:00 часот, симболично со 21 претставник ќе го блокира влезот на Владата. Ова е дел од втората фаза синдикални активности со кои се бара итно зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Како што кажуваат од ССМ избрани се 21 човек (законски минимум) како одговор на притисоците и обидите за „оцрнување“ на работниците кои протестираат. Од ССМ ги демантираа тврдењата за ниска продуктивност, посочувајќи дека работникот создава вредност од 290.000 денари, а добива само 17% од тој капитал преку плата.

Поради игнорирањето од страна на власта, ССМ подготвува одлука за 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор на ниво на цела држава. Синдикатот инсистира Владата да го прифати предлогот за ослободување од придонеси, со што работодавачите полесно би го поднеле товарот за повисоки плати. Доколку утрешната блокада не вроди со плод, ССМ најавува масовни протести со над 20.000 работници и целосен прекин на работните процеси.

Извор:
Facebook страна на ССМ